Москва размислува заробените украински војници да ги размени за пријателот на Путин Медведчук

Фото : Твитер - Виктор Медведчук

Русија ќе ја проучува можноста за размена на заробените војници на украинскиот баталјон Азов за Виктор Медведчук, пријател на Владимир Путин, изјави рускиот пратеник и преговарач Леонид Слуцки. „Ќе го проучиме тоа прашање“, изјави Слуцки, член на руската делегација на последните преговори со Киев, одговарајќи на прашањето за можноста за таква размена, пренесува агенцијата РИА Новости.

Во изјавата што ја даде во сепаратистичкиот град Доњецк во југоисточна Украина, тој додаде дека за таквата можност во Москва ќе разговараат „оние кои се овластени за тоа“.

Виктор Медведчук (67) е политичар и богат украински бизнисмен познат како личност блиска до рускиот претседател. Во средината на април, Медведчук беше заробен во Украина бидејќи од почетокот на офанзивата на Кремљ кон крајот на февруари беше во бегство.

Медведчук е во домашен притвор од мај 2021 година под обвинение за „велепредавство“ и „обид за ограбување на природните ресурси на Крим“, украински полуостров анектиран од Русија во 2014 година.

Руската војска во петокот соопшти дека последните украински бранители на стратешки важниот Мариупол се предале откако со недели пружаа отпор од огромната челичарница Азовстал.

Меѓу нив има и членови на баталјонот Азов, единица која Кремљ ја смета за „неонацистичка“, а Киев сака да си ја врати назад во замена за руски затвореници.

На 26 мај, рускиот Врховен суд треба да го разгледа барањето за прогласување на баталјонот за „терористичка организација“, што би можело да ја отежне размената на затвореници. Лидерот на сепаратистите во Доњецк Денис Пушилин во саботата оцени дека треба да им се суди на украинските војници кои ја бранеа фабриката Азовстал и кои се предадоа.

„Мислам дека судот е неизбежен: правдата мора да победи“, рече Пушилин, пренесе РИА Новости, на прес-конференцијата на која зборуваше и Леонид Слуцки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот