Монополизацијата на „патриотизмот“ и уништувањето на македонското општество

Фото: Ерол Шаќири

„Патриотизмот е последното засолниште на никаквците“ , напишал Самуел Џонсон, книжевник од 18 век.

Социјалните психолози Хенри Тајфел и Џон Хенри во 1970 година ја вовеле теоријата на социјален идентитет која ги опишува условите под кои тој станува повеќе значаен од идентитетот на поединецот и како социјалниот идентитет влијае на меѓугрупното однесување. Главните интерпретации на социолозите за оваа теорија се следните. Теоријата е заснована на три основни когнитивни компоненти, социјалната категоризација, социјална идентификација и социјална споредба. Социјалната категоризација како најрелевантна се однесува на поделбата на луѓето на основа на националност, раса, пол, класа, религија, професија, политичка определба и таканатаму, категориите пак не постојат независно, смислени се единствено кога едните се спротивставени на другите. Поимот на социјалниот идентитет директно се однесува на психолошкиот процес со чие посредство првобитните неутрални социјални категории се претвораат во човечки групи како психолошки ентитети, а од социјалната реалност настанува психолошката реалност. Овие психолошки процеси влијаат на пренесување на меѓуиндивидуалното однесување во групно однесување како и на различните облици на тоа меѓугрупно однесување. Социјалниот идентитет во суштина се однесува на фактот што луѓето својот идентитет во голема мера го засноваат на основа на припадноста во одредени социјални групи и категории. Според ова сфаќање, за да некоја категорија на луѓе претставува група тие себе мора јасно да се препознаат и да се дефинираат како посебен социјален идентитет, како „ние“ наспроти „тие“, а кој сме „ние“ се дефинира низ нашето сфаќање за тоа кои се „тие“.

Социјален идентитет „патриоти“

За време на триесетгодишната независност на нашата земја, покрај класичните поделби, односно социјални категории (етникум, вера) се создаде еден посебен социјален идентитет, а тоа е групата на „патриоти“. Тоа неминовно доведе до наметнат искривен социјален идентитет на сите останати граѓани кои не припаѓаат на таа група, а тоа е групата на „непатриоти“, односно „предавници“. Иако вторите не се чувствуваат како такви, таа квалификација им е наметната од страна на „патриотите“ само поради фактот што не припаѓаат на истата идеолошка матрица. Тука треба да напоменеме дека не говориме за фундаментален патриотизам, оној позитивниот ако може така да се нарече, онаа чиста љубов и грижа кон својата земја, народ, природа без негирање или загрозување на другото или туѓото, туку за сосема спротивното, нагласување на своето преку потполно отфрлање на другото, другиот, односно на се што е надвор од нивната група. Омразата спрема другиот е главната водилка/алатка за докажување на љубовта спрема своето, тоа е пресвртниот момент кога патриотизмот преминува во шовинизам, национализам и расизам, а ова е посебно карактеристика на балканскиот „патриотизам“. Тој е националистички патриотизам кој се карактеризира со некритичко и „априористичко прифаќање на сопствената нација“, народ и потполно отфрлање, негирање, поништување на релевантноста на другите и токму ова ги создаде конфликтите и насилствата на овие простори. Наспроти граѓанскиот патриотизам, кој трга од претпоставката дека граѓаните се слободни и еднакви поединци обединети заради остварување на заеднички политички добра, кој се дефинира со љубов спрема заедничката политичка слобода и институциите кои ја подржуваат. Граѓанскиот патриот кај нас е денес окарактеризиран како „предавник“ и е доведен во ситуација да мора да ја докажува својата љубов спрема народот или државата, наспроти „националистичките патриоти“ кај кои таа љубов е нели „вродена“ и неоспорна.

Имајќи ја предвид мултиетничноста на општеството треба да се напомене дека секој етникум си има своја група на „патриоти“ кои ниту емотивно, ниту интересно, ниту идеолошки се поврзани меѓу себе. На пример, ќе ги земам двете најголеми, имаме „македонски патриоти“ и „албански патриоти“. Карактеристично за двете групи е што се мразат меѓусебно, а и ги мразат припадниците на својот етникум кои да речеме имаат поинакви видувања за тоа како најдобро се остваруваат и унапредуваат индивидуалните и колективни права на својот и другите етникуми и кој е најдобриот начин за државата да оди напред. Поделбата, односно омразата спрема „своите“ не е толку изразена кај Албанците колку што е кај Македонците. „Предавник“ кај Албанците би бил секој оној што се обидува да излезе од етничкиот концепт и се ориентира кон тој граѓански концепт, додека кај Македонците „предавници“ се сите оние кои не припаѓаат на политичката идеологија на „патриотите“. Кај Македонците веќе е доведена до степен на самоуништување, дури мислам дека моментално омразата спрема „предавниците“, „комуњарите“, „северџаните“ (синоними во случајов) ја надминува и традиционалната омраза спрема „Албанците“. Професорот Денко Малески во една колумна напиша дека поделбата на „патриоти“ и „предавници“ се појави во деведесеттите, можеби е така, но јас би рекол дека таа се институционализираше во 2008 година.

Монополизација на „патриотизмот“

Патриотизмот, оној вистинскиот нема идеологија, односно ниедна идеологија нема монопол над истиот. Монополизацијата на патриотизмот е пред се карактеристична за тоталитарните режими затоа што претставува една од експлицитните фондации на истиот. Во тие режими само тие граѓани кои ја подржуваат владејачката структура, политики и идеологија, се сметаат за „патриоти“, сите останати во најблага форма се наречени „непатриоти“, а најчесто „предавници“ (звучи познато верувам). Во историјата има многу случаи, Германија на Хитлер, каде патриотизмот беше дел од нацистичката идеологија, фашизмот на Мусолини, Советскиот Сојуз, каде само поддржувачите на комунистичката идеологија се сметаа за патриоти, Перонистичкото движење во Аргентина итн. Сето ова е одлично објаснето во делото на Даниел Бар-Тал „Монополизација на Патриотизмот“ кое топло го препорачувам. Сепак патриотизмот не е монополизиран само во тоталитарните режими, тоа може да се случи и во демократски општества каде некоја партија или лидер или движење може да го монополизира патриотизмот. Во педесетите години од минатиот век, на пример, во САД, сенаторот Џосеф МкКарти покренал силна кампања насочена кон оние Американци за кои мислел дека имаат социјалистички или комунистички сфаќања за кои тврдел дека не може да бидат „патриоти“ туку само „предавници“.  Многу луѓе завршиле на црни листи, а многу и биле затворени. Еден од нив бил и холивудскиот режисер Далтон Трамбо. Бидејќи бил на црна листа морал да пишува под псевдоними под кои добил и Оскар. Со огромна помош на режисерот Ото Премингер и посебно глумецот Кирк Даглас Трамбо успева да се избори за поништување на таа црна листа во Холивуд. Академијата официјално му го врачила Оскарот во 1975 година, а на таа церемонија ќе остане запаметен неговиот говор каде рекол „во оваа војна нема победници и поразени, има само жртви“. Претходниот претседател на САД, Доналд Трамп исто така го монополизираше патриотизмот, односно се прогласи за единствен заштитник на правата на обичниот Американец борејќи се против „длабоката дава“ и естаблишментот на кој и самиот му припаѓа. Сите негови неистомисленици завршија во таборот на „предавниците“. Владеење кое остави огромни последици во американското општество кое веќе беше поделено на расна основа. Поделбата и повикувањето на патриотизам и константните лажни обвинувања дека другата страна сака да донесе социјализам и комунизам во земјата, односно неговата монополизација на патриотизмот  доведе и до упадот во Капитол Хил (нашиот 27 април) кој можеше да биде пресуден за државата.

Причините за поделбата и уништувањето на македонското општество лежат во партијата ВМРО-ДПМНЕ, односно нејзината монополизација на патриотизмот, започната во деведесетите, запечатена во 2008 година, а која се уште трае. После самитот во Букурешт и грчкото вето за влез во НАТО, Груевски, немајќи визија како да продолжи понатаму, се прогласи за единствен заштитник на македонските интереси, го вметна тој лажен патриотизам како центар на вмровската идеологија и се што е надвор од таа идеологија го прогласи за предавничко. Штом започна процесот на монополизација на патриотизмот симултано започна и процесот на политичка тоталитаризација, на некој начин екскомуникација на тие што не се сложуваат со форсирање на „патриотскиот“ елемент. За да се држат патриотите будни постојано им се измислуваат непријатели, внатрешни и надворешни, непријатели на „македонштината“ која само тие ја бранат, односно само тие имаат право да ја бранат. Непријатели покрај Албанците, станаа и Грците, Бугарите, Србите, Америка, Европа но и преостанатиот дел од Македонците, „комуњарите“ или сега „северџаните“. Агресивни лаги и манипулации од типот „ќе ја изгубиме државата“, „ќе го изгубиме идентитетот“ го доведоа Македонецот во една психоделична состојба во која тој не ја гледа смислата на постоењето доколку нема од кого да биде загрозен и консеквентно кого да мрази. И не се проблем лагите кои доаѓаат од овие политичари, како расправа Хана Арент во својот есеј „Вистината и Политиката“, лагата е инструмент на политиката и ние всушност не ја очекуваме вистината од политичарите, таа доаѓа од друго место, други луѓе. Проблемот е сепак што во тој процес исчезнаа и „другите луѓе“, интелектуалци, професори, новинари, глумци, уметници, застанаа на страната на таа идеологија исполнета со лажен патриотизам кој резултираше со уништување на интелектуалниот и културолошки елемент во општеството, уништување на социјалната правда зошто таа е невозможна ако интелектуалците не ја говорат вистината, а на кракот и се останато.

Но, истото продолжува и сега кога партијата е во опозиција со тоа што им се придружи и една десна левица, партија и лидер кои покажуваат фашистички елементи и за жал имаат се поголем број на симпатизери. Што направи ВМРО-ДПМНЕ по смената на власта во смисол на реформирање и нудење нешто ново и поинакво со кое би ја добиле власта? Формираа замислете, „Патриотски Институт“, во 21 век. Додека другите формираат демократски, истражувачки, научни и што ти знам какви институти, тие формираат патриотски институт. На чело со човек кој е еден од организаторите на „мирните“ протести кои резултираа со 27 април. Луѓе со намера да убијат се нарекуваат „уставобранители“, а обратно, токму нивната партија беше таа која го кршеше Уставот. Откако беа амнестирани за 27 април организаторите на тогашните „мирни“ протести, а партијата во судските процеси се огради од имање било каква улога за тој настан, сега истите организираат протести за таканаречените „уставобранители“. Што да речеме, мора да се држат „патриотите“ електризирани, а друго очигледно немаат да понудат. Проследено со пораки од типот „сите ќе ве стреламе“, „сите ќе ве апсиме“, „долга е раката на ВМРО“, „Македонија на Македонците“, „Преспански ќе го поништиме“, „Охридски ќе го поништиме“ итн.

Кај албанските политички партии има обиди за мобилизација на патриотизмот, претежно тоа се случува пред избори, но има една разлика, тука се сите „патриоти“, полемиката е само кој е поголем. Користењето на патриотска реторика од страна на албанските политички партии е играње со чувствата на Албанците и може да доведе до еден вид омраза спрема другите, но никогаш нема да доведе до омраза спрема сопствениот народ и ова е многу битна разлика помеѓу Македонците и Албанците. Албанците, кога се работи за колективен интерес, секогаш се обединуваат без разлика на партиската определба, а Македонците не може да се обединат ни во борбата против едно глобално зло какво што е пандемијата со коронавирусот. Тоа е резултат на сето она што го напишав погоре, но тие си тераат и понатаму, во „име на народот“ работат против народот.

Поделениот народ и омразата

Вака поделен народ го уништи општеството, а има потенцијал да ја уништи и државата, но очигледно никој не се занимава со ова. „Мораме да го здружиме нашиот народ, зошто тоа ни е потребно, го знаат и тие, а го знам и јас – премногу ни е поделен народот!“, рече меѓу другото премиерот Заев во минатомесечното интервју за „Утрински Брифинг“ кога за првпат во јавноста ја пласираше идејата за широка влада во која би учествувале сите партии. Првиот човек на државата дава една ваква констатација, а какви беа реакциите во општеството за ова? Апсолутно никакви. Никој јавно не го прокоментира или се занимаваше со овој битен детаљ („народот ни е поделен“) туку сите аналитичари, новинари, политичари се впуштија во толкување на понудата на Заев. Десетици дебатни емисии кои ги следев, а на кои гостуваа политичари се дискутираше за тоа под кои услови некој би влегол во таква една коалиција и што од тоа би добиле или изгубиле партиите. Како и секогаш досега се се сведе на партиските калкулации, што би било најдобро за нив, а буквално никој не се занимаваше со тоа што би било најдобро за државата и пред се народот, за оној истиот народ на кој се повикуваат и од уста не го вадат на секој јавен настап.

Веќе неколку месеци се внесов во едно интерно истражување до степен на полудување, на оваа денешна болест наречена социјални мрежи, а се почна на 2 јануари и горењето на „Глобал“ во Струмица. Внимавајте, статус на социјални мрежи во првиот дел од годината гласи вака: „Нека ви е среќна и бериќетна Новата Година, многу здравје, среќа и љубов да ви даде Господ, да живее Македонија, никогаш Северна!“. Можеме да заклучиме дека човекот е „македонски патриот“ (никогаш Северна) и верник (да даде Господ). На 2 јануари гори „Глобал“ во Струмица и истата личност го пишува следниот статус: „Да даде Господ до темел да изгори, да даде Господ цела Струмица да изгори“, само затоа што во неговата глава Глобал и Струмица му асоцираат на Заев, а тој е лидер на СДСМ, а тие се „комуњари“, „северџани“ и „предавници“. Тоа е таа „љубов“ спрема својот народ и земја скриена зад лажниот патриотизам. Прочитав околу 12 илјади коментари од порталите и телевизиите, класифицирани во неколку категории, од кого се напишани (Македонци, Албанци), на кого се упатени и какви се коментарите, позитивни, негативни или умерени, резултатите се „фантастични“. Околу 90% од коментарите се негативни со елементи на омраза, околу 7% се умерени и само околу 3% се позитивни со афирмација на граѓанското општество.

Продолжете вие со патриотизмот „драги“ политичари. Што му сервирате, нудите на народот тоа и еден ден народот ќе го бара. 27 април беше токму тоа, утре ќе биде нешто пострашно, сигурни ли сте дека сте спремни да испорачате?

За крај да се вратам на почетокот, „патриотизмот сам по себе не е аргумент, но аргументи се потребни да би се прифатила патриотската идеја“, тоа можеби сакал да каже Самуел Џонсон кога рекол дека „Патриотизмот е последното засолниште на никаквецот“, затоа што бара начин да не мора да го објасни своето однесување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот