Монографијата со 980 дела на сликарот Васко Ташковски беше промовирана во Даутпашин амам

Националната галерија во објектот Даут пашин амам, каде е поставена ретроспективната изложба на академик Васко Ташковски, на 7 декември беше домаќин на промоцијата на неговата петта монографија.

Ретроспективната изложба на академик Васко Ташковски во Даутпашиниот амам создаде фантастичен амбиент за промоцијата на неговата најнова монографија во која се објавени 980 негови дела изработени во техниката масло на платно.

Монографијата е во издание на МАНУ и книгоиздателството „Матица македонска“, а промотори на изданието беа Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија, издавачот Раде Силјан и писателот и историчар на уметноста, Паскал Гилевски.

– Монографијата е посветена на творештвото на водечкиот претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и во светот – посочи Дита Старова Ќерими, додавајќи дека „според повеќето современици, придонесот на Васко Ташковски во современата македонска уметност уште на почетокот на творештвото се истакнува преку следењето на една сопствена тивка и ненаметлива ликовна патека која му овозможи најсоодветно да го транскрибира авторскиот ракопис во континуитет до денес преку сликарство кое е класично според својата пластична структура, а воедно и надреалистички фантастично во поетична смисла, со прецизен минуциозен цртеж и тонски раскошна палета“.

Сликарската визија на Васко Ташковски се фокусира на човековите излети во космосот, мечтаењата и визијата, бегството од невротичното време во замислени тридимензионални пејзажи најчесто со широк отворен хоризонт со небо и земја во заднината, додека во прв план се поставени структури налик на урнатини, стари храмови, лебдечки егзотични вегетациски оази, во комбинација со биолошко-техницизирани механички структури.

– Васко Ташковски е сликарски феномен, единствен во современото македонско сликарство. Ни се чини како тој божем да допатувал од некоја друга планета и пуштил корења на македонската почва, тука зачнал и се родил, се разгранил во раскошни форми и бои, за да ја збогати нашата национална уметност со нови, досега непознати и чудесни виденија и содржини, ту раскрилени во радосни изблици, ту во апокалиптично развиорени и заканувачки организми со неодгатливи предмети и појави – истакна Раде Силјан во својата беседа на промоцијата, а меѓу другото упати и на размислите на Ташковски за спецификите на неговото творештво во кое „фантазијата е потреба, не само заради тоа сликата да биде фантастична по содржина, да бега од стварноста, од реалноста, туку напротив, фантазијата е потребна за да внесе чувство на живот и реалност во сликата“.

Според Паскал Гилевски, Васко Ташковски е најголемиот македонски жив сликар во овој момент, кој со своето творештво успеал да открие една нова ликовна територија, а секоја негова слика е како еден нов расказ. Ташковски се изразува во повеќе ликовни дисциплини: сликарство, акварел и цртеж, со импресивна бројка на дела – 980 слики во маслена техника, повеќе од 3.500 акварели, над 1.000 цртежи, а понатаму и графики, сценографии и над 12.000 секојдневно дисциплинирано изработувани идејни скици.

Монографијата е подвижен музеј што може да патува низ светот без пасош, без виза и без авторот

Во последниве петнаесетина години се посветил на подготовката на повеќе монографии за сопственото творештво, бидејќи смета дека монографиите се печатат во сегашноста, а патуваат во иднината. „Монографијата е подвижен музеј кој може да патува низ светот без пасош, без виза и без авторот“, заклучил Ташковски.

Досега објавил монографии за своите графички дизајни (2012), цртежи (2015), акварели (2017), скици (2019), додека во најновата монографија се објавени 980 дигитални фотографии со дела од Ташковски изработени во периодот од 1952 до 2021 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 109, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот