Момче со психичко нарушување два месеци го држеле во самица, британската влада му плати отштета

Затвор фото МИА

Британската влада плати 31.500 фунти како компензација, откако 15-годишно момче со психичко нарушување поминало речиси два месеци во нехумани услови во самица. Момчето, со иницијали А.Б., било држено во самица повеќе од 23 часа на ден за време на најмалку 55 дена од неговиот притвор во затворот Фелтам во западен Лондон помеѓу декември 2016 и февруари 2017 година, според Хауард Лиг, која се залага за криминални реформи.

За тоа време не смеел да оди на училиште, немал контакт со ниту еден врсник, а дневно поминувал околу половина час надвор од ќелијата за да може да се истушира, да разговара на телефон или да вежба. На момчето, сега млад човек во раните 20-ти, му била дијагностицирана попреченост во учењето и било потврдено дека има посебни образовни потреби.

А.Б. тврди дека неговиот третман го прекршил членот 3 од Европската повелба за човекови права, кој вели дека „никој не смее да биде подложен на тортура или на нечовечко или понижувачко постапување или казнување“. Случајот бил однесен до Европскиот суд за човекови права, но жалбата на момчето беше отфрлена по спогодбата со владата на Британија.

Андреа Кумбер, главен извршен директор на Хауард Лиг, рече дека за седум години имало четворица премиери и седум министри за правда, но владата, досега, постојано одбивала да признае дека срамното затворање на 15-годишно лице со психичко нарушување претставува нехумано или понижувачко постапување.

„Затворот не е место за деца“, рече Кумбер и ги повика министрите да се погрижат ниту едно дете повторно да не страда на овој начин. Портпаролот на Министерството за правда рече дека „поделбата е неопходна во некои случаи за да се спречи некое лице да си наштети себеси или другите“, но дека „во овој случај прифаќаат дека имало прекршување (на законот)“.

Тој додаде дека се работи на систем на образовни услуги во затворите и поддршка кога станува збор за менталното здравје, така што „секое дете во наша грижа еднаш засекогаш му го сврти грбот на криминалот“. Британските медиуми не прецизираа за кое дело 15-годишникот завршил во затвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот