„Мој Термин“ ќе „светне“ со нов хардвер вреден 600 илјади евра
Министерството за здравство набави хардвер за електронскиот систем за здравство „Мој Термин“ вреден 600 илјади евра. Тендерот го добило Друштвото за информатички инженеринг Неоком, а договорот за јавна набавка е склучен на крајот на годината. Хардверската опрема за потребите на Управата за електронско здравство „Мој Термин“ меѓу другото опфаќа 2 сервери за бази на податоци кои ќе бидат со земја на потекло Чешка. Министерот за здравство Азир Алиу за „Слободен печат“ вели дека хардверската инфраструктура од 2010 година воопшто не била сменета.
Препорачано
-Сервер просторијата воопшто немаше ни базична инфраструктура за сервер соба. Имаше само клими, освен компјутери внатре имаше и хартија како магацин. Јас кога го видов тоа, знаев дека кога би избил пожар сите податоци би биле загубени. Серверите од 2010 година никој не ги сменил. Старата хардверска опрема ќе се користи за административни цели, а новата ќе биде поставена поради сигурност на податоците. За пациентите ова ќе значи побрза инфраструктура која подоцна ќе може да се поврзе со нови компоненти во дигитализацијата на „Мој Термин“. Веќе аплицирањето на лек на позитивната листа е нова компонента од дигитализацијата. Потоа ќе следи цела инфраструктура на здравствени услуги, ќе се овозможи да има нови модули во „Мој термин“ за да се подобрат и дигитализираат процесите, изјави министерот Алиу.
Јавната набавка на хардверска и мрежна опрема според надлежните е поради објективна потреба од модернизација на постојната ИКТ инфраструктура.
Сегашната серверска опрема е застарена и во изминатиот период предизвикуваше повремени предизвици во потребниот капацитет на ресурси во секојдневното функционирање на националниот систем за евиденции во здравството „Мој термин”. Со предметната јавна набавка се обезбедува комплетна модернизација на инфраструктурата, која вклучува: 6 сервери за виртуелизација, 2 сервери за база на податоци и придружна инфраструктура (системи за складирање на податоци, мрежна опрема и безбедносен софтвер), согласно јавно објавените податоци во тендерската постапка на Бирото за јавни набавки, ни одговорија од прес-службата на Министерството за здравство.
Дел од набавената опрема ќе биде инсталирана и во секундарен дата-центар независен од примарниот датацентар на Министерството во Скопје, односно во Центарот за опоравување од катастрофи (Disaster Recovery Center) на МВР во Прилеп.
Ова е стандардна пракса за критични државни информатички системи, со цел обезбедување континуитет во работата, заштита на податоците и брзо враќање на системите во функција во случај на технички дефект, сајбер-инцидент или друг непредвиден настан, велат од Министерството.
Оттаму сметаат дека од аспект на пациентите, оваа инвестиција ќе придонесе за постабилно, побрзо и посигурно функционирање на системот „Мој термин”, со значително подобрување на капацитетит на системот при закажување прегледи, упати и други здравствени услуги.
Токму на проблеми со брзината на „Мој термин“ и повремено паѓање на системот постојано алармираат матичните лекари. Претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова за „Слободен печат“ вели дека системот дефинитивно треба да се надгради.
-Јас бев во работната група во 2013 година кога се надградуваше „Мој термин“. Но, оттогша до сега побарувачката на услуги од страна на пациентите е поголема од понудата на здравството. Ние од Велес ги препраќаме пациентите во други градови. Празни се болниците во смисла на персонал. Сите плаќаат да имаат 24-часовна здравствена грижа во континуитет. Во „Мој термин“ треба да се појавува известување кога и каде ќе има соодветен кадар за да не се губат драгоцени моменти. Кога ќе дојде итен пациент да знаеме каде да го пратиме. Технички мора да се надогради во однос на упатите. Треба да се знае кога упатот е издаден на наше барање, а кога на барање на пациентот бидејќи сме под притисок да издаваме упати. Ни треба „семафор“ во „Мој термин“ за да знае интернистот колку е итен пациентот. Многу често се случува „Мој термин“ да паѓа, да се успорува, а кога е голема фреквенцијата на пациенти, на почеток на месецот кога сите одат по лекови на пример, ние работиме во „петта брзина“ да ги услужиме барањата, вели доктор Чолакова Дервишова за „Слободен печат“.
Набавката на хардверот од 600 илјади евра не воведува нови функционалности за пациентите во овој момент, но создава неопходна техничка основа за непречено секојдневно функционирање на системот и за негов понатамошен развој согласно стратегијата на Министерството за унапредување и дигитализација на здравството.
Потребата за оваа набавка произлегува од долгогодишното користење на постојната инфраструктура, зголемениот број на корисници на системот „Мој термин” и зголемениот обем на здравствени податоци што се обработуваат на дневна основа.


