Моите 1 + 5: По избор на Билјана С. Црвенковска – „Aniara“ од Пела Кагерман и Хуго Лилја

Билјана С. Црвенковска/Aniara
Билјана С. Црвенковска/Aniara

Ова е првиот долгометражен филм на шведското режисерско и сценаристичко дуо – Пела Кагерман и Хуго Лилја, е адаптација на истоимената епска поема на шведскиот нобеловец Хари Мартинсон. Сместена во постапокалиптична иднина во која Земјата е уништена од климатски промени, а човечкиот род е приморан да мигрира и да создава колонии на Марс, приказната зборува за трагедијата на вселенскиот брод Анијара, осуден да талка низ вселената.

По судар со вселенски крш, големиот патнички крстосувач скршнува од својата зацртана патека, останувајќи без погон и гориво. Иако капетанот верува дека во следните три години ќе пристигнат до вселенско тело чија гравитација ќе им помогне да се вратат назад, патниците почнуваат да губат надеж со изминувањето на годините. Единственото прибежиште го пронаоѓаат во Мима, вештачка интелигенција којашто произведува слики, сензации и чувства од минатото кога Земјата била сѐ уште зелена и жива планета и така ги лечи нивните стравови, депресии и анксиозност. Но, откако Мима, преоптоварена од туѓата тага, решава да „умре“, на површина испливува најлошото што луѓето го носат во себе: почнуваат казни и затворања, се раѓаат култови и се случуваат самоубиства, а Анијара полека но сигурно плови кон својот неминовен крај.

Aniara/Twitter
Aniara/Twiter

Интересна и исклучително успешна е адаптацијата на Кагерман и Лилја на оригиналната поема (инаку напишана во 1956 година) во современ контекст, не само во однос на актуелноста на темата, туку и во однос на ликовите: главниот протагонист од поемата станува протагонистка, давајќи еден сосема подлабок емотивен призвук на нејзините доживувања на настаните на Анијара, релациите со другите ликови па и љубовните врски.

Иако филмот жанровски е дефиниран како научна фантастика, сите оние кои се навикнати на американските филмови во овој жанр веројатно би биле разочарани, бидејќи „Aniara“ е пред сѐ филозофски и поетичен филм: бавен, атмосферичен и мрачен, без заплети и перипетии, без усложнувања во приказната и без длабински и детално изградени ликови. Тоа е и разбирливо, бидејќи „Aniara“ не е филм каде што се става фокус на ликовите, туку на атмосферата. Сепак, постои и друга причина за тоа: филмот раскажува приказна за судбината на целиот човечки род и, имајќи ја предвид суштественоста на тоа прашање, не се труди да се занимава со судбините на поединците.

Теодор Старџен, еден од гуруата на научнофантастичната литература, ќе каже за поемата на Мартинсон дека таа содржи „неопислива, немерлива тага, дека ги надминува паниката, ужасот и очајот и те остава сам во немата бесконечност…“ Ова, веројатно, е уште поточно за филмот, кој совршено успева поетскиот јазик на Мартинсон да го претвори во силен, визуелно впечатлив и опчинувачки филмски јазик – во кој зборовите се ставени на минимум, а неретко се и сосема излишни.

+ 5
  1. „The Big Fish“, режисер Тим Бартон, 2003
  2. „Blade Runner“, режисер Ридли Скот, 1982
  3. „Stalker“, режисер Андреј Тарковски, 1979
  4. „My Neighbour Totoro“, режисер Хајао Мијазаки, 1988
  5. „Мarnie“, режисер Алфред Хичкок, 1964

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот