Моди: Африканската унија е прифатена за постојана членка на Г20

Нарендра Моди/ Фото: AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Африканската унија е прифатена како постојана членка на Г20, изјави индискиот премиер Нарендра Моди во својот воведен говор на состанокот на Г20, што се одржува овој викенд во Делхи.

Моди го покани претседавачот на Африканската унија Азали Асумани да го заземе svoeto место на масата на лидерите на Г20 како претставник на постојана членка на блокот.

„Со универзално одобрение, го поканувам претседавачот на Африканската унија да го заземе svoeto место како постојана членка на Г-20“, рече индискиот лидер во својот воведен говор.

Во својот говор, Моди исто така оцени дека светот страда од „криза на доверба“.

„Постои огромна криза на доверба во светот. Војната го продлабочи овој дефицит на доверба. Меѓутоа, штом успеавме да го надминеме Ковид, тогаш ќе можеме да се справиме и со оваа криза на меѓусебна доверба“, истакна индискиот премиер.

Африканската унија, која е континентална унија со 55 земји-членки, сега има ист статус како и Европската унија, која досега беше единствениот регионален блок со полноправно членство во Г20. Досега Африканската унија беше „поканета меѓународна организација“.

„Ја поздравуваме Африканската унија како постојана членка на Г20 и силно веруваме дека вклучувањето на АУ во Г20 значително ќе придонесе за решавање на глобалните предизвици на нашето време“, се вели во нацрт-декларацијата од Самитот во Делхи, во која имале увид дел од меѓународните медиуми..

На состанокот се очекува да се разговара за прашања како обезбедување повеќе заеми за земјите во развој од мултилатерални институции, реформирање на архитектурата на меѓународниот долг, регулирање на криптовалутите и влијанието на геополитиката врз безбедноста на храната и енергијата.

Нацрт-декларацијата е долга 38 страници, со параграфи посветени на климатските промени и реформите на мултилатералните развојни банки. Параграфот со наслов „Геополитичка ситуација“ беше оставен празен, што според Ројтерс ја одразува длабоката поделеност меѓу членките на Г20 околу војната во Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот