МНР: Со владиниот авион по потреба ќе се евакуираат македонски државјани од Израел
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи да се обезбедат услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати.
Препорачано
„Во моментов се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови и, по потреба, владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови“, соопштуваат од МНР.
Ако се урнеме и починеме ќе стане јасно зошто ни треба нов авион, вели Мицкоски
Во изминатиот период, дополнуваат , преку дипломатско-конзуларните претставништва било асистирано при безбедно извлекување на фудбалер од Иран, кој преку Турција се вратил во Македонија.
Дополнително, како што велат, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистирало во нивната координација и заминување.
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Министерството, во директна комуникација со пријателски земји и партнери, како и преку дипломатско-конзуларните претставништва, ги презема сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата“, стои во соопштението на МНР.
Претходно, МНР информираше дека од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани контактирале со претставништва на Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби.


