473 македонски граѓани на Блискиот Исток чекаат спас – МНР вели дека „не е безбедно да се евакуираат“, додека нашите соседи ги враќаат своите граѓани дома
Согласно информациите добиени од надлежните власти, сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните што се наоѓаат во Катар и во Обединетите Арапски Емирати. Евакуацијата ќе биде отпочната во првата безбедна прилика, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови, велат од Министерството за надворешни работи.
Од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби, информира Министерството за надворешни работи.
Препорачано
Согласно со последните податоци, 19 луѓе се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека, пак, 348 граѓани се обратиле до ДКП Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 наши граѓани од Кувајт, како и 12 од Бахреин.
„Согласно информациите добиени од надлежните власти, сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните што се наоѓаат во Катар и во Обединетите Арапски Емирати. Евакуацијата ќе биде отпочната во првата безбедна прилика, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови. Во однос на македонските државјани кои се наоѓаат во Тел Авив, Министерството активно ги разгледува можните алтернативи за нивно безбедно извлекување од државата“, се вели во соопштението на МНР.
Министерството апелира до македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи. На 24-часовно располагање остануваат дежурните телефонски броеви на кризниот штаб при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва.
За сите дополнителни информации јавноста ќе биде навремено информирана, велат од МНР.
Ова соопштение на Министерството доаѓа додека балканските земји започнаа со евакуација на персоналот од своите амбасади на Блискиот Исток и организизираат чартер-летови за враќање на своите граѓани, по ескалацијата на конфликтот со Иран.
Имено, авион од Дубаи со 200 српски државјани слета денес во Белград, откако летовите меѓу Обединетите Арапски Емирати и Србија беа суспендирани поради тензиите на Блискиот Исток.
Словенија организира чартер-летови за репатријација на своите граѓани. Првиот специјален авион што ги превезува словенечките државјани заглавени на Блискиот Исток, поради прекинот на летовите по американско-израелската воена операција против Иран, треба да полета од Оман денес кон Словенија.
Регионален аларм поради Иран: Балканските земји ги празнат амбасадите и ги враќаат луѓето дома


