Младиот кочански бенд „Корка“ е на својата прва интернационална турнеја
Бендот „Корка“ од Кочани, кои се еден од водечките млади бендови од Македонија во моментов, на 3 јануари ја почна годината со својата прва интернационална турнеја со седум концерти низ шест држави.
Препорачано
Публиката во Приштина, каде настапија во алтернативниот културен центар „Термокис“, можеше да ги слуша на 3-ти јануари, а веќе следниот ден беа во Подгорица, во Друштвениот културен центар „Помаранџа“. Потоа се спуштаат на море во Задар, каде ќе свират во Автономниот друштвено-културен центар „Нигдјеземска“ на 6 јануари.
Ќе следуваат и два настапи во Словенија, во Љубљана, во „Гала Хала“ и во Културниот дом во „Железники“ на 8-ми и 9-ти јануари. На крај, по пат кон дома ќе го посетат Белград со претпоследниот концерт од турнејата во „Квака 22“ на 11-ти јануари. По мал одмор, турнејата ќе ја завршат со концерт пред домашната публика во „Котур“ во Скопје, на 19-ти јануари.
Оваа турнеја доаѓа по неколку настапи надвор од Македонија во текот на минатата година, како оној на фестивалот „Changeover“ во Белград минатата есен. Како и посетата во Брисел со нивен концерт на меѓународниот натпревар „Imagine Music Experience“, каде што ја освоија наградата од публиката пред само половина месец.
„Корка“ го издадоа своето прво самонасловено ЕП во мај 2025 година и веќе се добро познати на македонската публика после бројни настапи во Кочани и Скопје, како и еден во Битола. Тие се истакнуваат отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук.
„Корка“ работат под капата на независната музичка издавачка куќа „Мртов коњ“, кои се одговорни за организирањето на оваа турнеја.


