Младинското радио „Клуб 100“ ќе се потсети на годините на младешки ентузијазам во скопскиот етер

Цели 30 години по згаснувањето на првото независно радио во скопскиот (македонскиот) етер, екипата на Младинското радио „Клуб 100“, што постоеше при УСО „Орце Николов“, повторно ќе се собере на едно место. На настанот, што на 23 јули ќе се одржи во Куршумли-ан, во рамките на „Скопско лето“, ќе биде поставена изложба на артефакти, документи, фотографии и тонски снимки од времето на работењето на радиото, а истовремено ќе бидат одбележани два јубилеја – 35 години од стартувањето и 30 години од згаснувањето на Младинското радио „Клуб 100“.

Пролетта 1986 година, на иницијатива на професорот Слободан Таневски, дел од учениците и професорите од средното училиште „Орце Николов“ започнаа со подготовки за формирање младинско експериментално радио во рамките на своето училиште. По едногодишни подготовки и добивање низа одобренија, „Клуб 100“ го имаше своето прво емитување во периодот од 25 до 29 мај 1987 г., во рамките на традиционалниот училиштен фестивал со кој се одбележуваше Денот на младоста – 25 Мај. „Клуб 100“ повторно се огласи во скопскиот етер во 1988 г., од 6 до 10 јуни, на фреквенција од 100,1 MHz ФМ УКБ.

Двете експериментални емитувања беа повеќе од успешни, како во технички така и во програмски аспект, придонесувајќи за значајно подигање на стручното образование и креативноста на младите. Затоа, по барање и обезбедување на дополнителни дозволи, Младинското радио почнува со редовна работа на 30 ноември 1989 година.

Технички раководител и главен и одговорен уредник на радиото беше професорот Слободан Таневски. Секој четврток, од 14 до 22 часот се емитуваше разнообразна радиопрограма со широк спектар на емисии и теми. Од април 1990, радиото почна со секојдневна работа, освен во сабота и недела. Поради одредени случувања (проблеми околу статусот на радиото), од септември 1990, па сѐ до згаснувањето на 20 јуни 1991, радиото повторно работеше секој четврток.

Понесени од младешкиот ентузијазам, со невообичаена сериозност и професионализам, радиото даваше слика на актуелните случувања од сите сфери на животот, и тоа не само на младите. Исклучително значајно е што од тој период останаа неколку значајни артефакти во форма на касетни изданија. Во издавачкото портфолио на Младинското радио „Клуб 100“ се компилациските касети „Демоскоп (1 и 2)“, радиодрамите „Полициска приказна (1 и 2)“ на театарската група „Црв“, како и албумите „Чемер“ и „Македонски корени“ на „Ѕвон“, „Заедно сме лице“ на „Девијант“ и „Ритуал и пепел“ на групата „Клержо“.

Во текот на изложбата ќе има џем-сешн со музика од бендовите „Клержо“ и „Киборг“ во изведба на Деан Шкартов, Венцислав Смаќоски и Влатко Каевски. Потоа ќе следи музика од 80-тите и 90-тите со диџеј Здравко Шеновски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 89, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот