Млад текстилец од Штип заболен со Ковид-19 се бори за живот

Јуни 2020, Скопје / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Текстилниот кластер во Штип и натаму останува најпогоден со Ковид-19, поради што затворена е уште една конфекција каде се регистрирани нови позитивни случаи на коронавирус.

Како што дознаваме, станува збор за осмата затворена штипска конфекција, каде еден од заболените работници е 34-годишен маж, оженет, татко на едно малолетно дете. Лицето во моментов се наоѓа во болницата „8 Септември“ во Скопје, со потешка клиничка слика, поради што е ставен на респиратор, а на социјалните мрежи вчера беа упатени бројни апели за дарување на крвна плазма.

Според објавите на негови сограѓани и роднини на социјалната мрежа Фејсбук, пронајдена е крвна плазма за штипјанецот, па останува да се види каква ќе биде неговата здравствена состојба понатаму.

Од наши информации кои ги добивме од Штип, момчето не било навреме ставено во изолација, односно сопственикот на конфекцијата во која работел, иако знаел дека тој има симптоми, не побарал да биде ослободен од работа, туку 34 годишниот маж работел се додека неговата состојба целосно не се влошила.

Сопственикот на  компанијата во која работи момчето, , пак, во изјава за Слободен печат го тврди спротивното. Тој вели дека штипјанецот во последните осум дена не бил на работа, а биле преземени сите мерки откако било соопштено дека во фабриката има позитивен случај на Ковид-19. Тој информира дека конфекцијата нема да работи во наредните седум дена.

– Заболениот штипјанец е наш вработен. Тој околу осум дена веќе не е на работа. Во периодот кога доаѓаше на работа со него беше се во ред. Кога престана да доаѓа ние го контактиравме неговото семејство за да дознаеме што се случува со него, по што добивме одговор дека тој е на боледување. Потоа по три дена мене ми се јавија од Центарот за јавно здравје во Штип од каде ме известија дека Здравков неколку дена  се лекувал кај својот матичен доктор од каде примал одредени лекарства, по што било утврдено дека треба да се тестира на Ковид-19, за потоа да се покаже дека е позитивен – вели сопственикот на конфекцијата.

Сопственикот на конфекцијата истакнува и дека од Центарот за јавно здравје во Штип му било наложено три лица кои имале близок контакт со заболениот штипјанец да бидат ставени во самоизолација, па  тој веднаш го сторил тоа.

– Ние овде им мериме температура на нашите вработени, инсистираме на носење на маски и на почитување на правилата. Од Центарот за јавно здравје добив информација за три лица кои биле во контакт со него и кои треба да се изолираат. Јас веднаш ги посочив тие лица и ние ги одделивме, односно  ги пративме во изолација. Редовно контактирам со нив за да проверам во каква состојба се и моментално нивниот одговор е дека тие немаат никакви симптоми – додава сопственикот, кој потенцираше дека штипјанецот од неделата е префрлен во Скопје, меѓутоа оттаму никако не успеал да добие конкретни информации за неговата состојба.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот