Мистеријата околу Онишченко тешко се расплеткува: Кошаркарот Пенов не сака да каже како Украинецот му стана состанар заради државјанство

Фото: Слободен печат - Драган Митрески, Инстаграм / Колаж: Слободен печат.

Кошаркарот Игор Пенов, татко му Милчо Пенов и олигархот Олександр Онишченко, сите тројца се на иста адреса регистрирани во избирачкиот список во скопско Пржино, иако Онишченко никогаш не стапнал со нога на таа адреса туку само му било дозволено од страна на сопственикот на куќата да побара македонско државјанство со таа адреса, дознава „Слободен печат“.

Како поранешниот кошаркарски репрезентативец Пенов, дошол во толку блиска релација со бараниот мултимилијардер, обвинуван за посредување со проституција на украински мисици, проневера на 100 милиони долари од Украина и за пласирање дезинформации во полза на Трамп на американски избори, до степен да му дозволи да се регистрира за државјанство кај него дома, со неговата домашна адреса, не е јасно.

Игор Пенов не беше изненаден што на неговата домашна адреса и во избирачкиот список фигурираат заедно со Онишченко на иста адреса, но не сакаше за „Слободен печат“ да објасни како дошло до таквите околности и дали Онишченко некогаш воопшто лично го запознал.

Обработка на фотографија: Слободен печат.

– Глупости. Нема што да зборуваме на оваа тема. Немам што да кажам. Што мислиш ти, како е слетан тој тука?, ни рече во краткиот телефонски разговор кошаркарот Пенов, пред да се заблагодари што се јавивме и пред да го прекине телефонскиот повик.

Екипата на „Слободен печат“ вчера поразговара со сопственикот на куќата во Пржино, кој се претстави како Миле и најверојатно е татко на кошаркарот. Запрашан каде е Олександр Онишченко и дали некогаш живеел на таа адреса, сопственикот на куќата ни рече дека тој е на слобода, дека на Македонија и донел еден куп златни медали во коњаничкиот спорт и дека кошаркарот само му направил услуга со тоа што му дал дозвола да биде регистриран на таа адреса. Според тоа што ни го кажа газдата на куќата, Онишченко никогаш не стапнал на улицата Пржино.

Во меѓувреме, Агенцијата за национална безбедност ја тресе скандалот што земјава му дала државјанство на човек кој е на црната листа на САД, човек кој е избеган од Украина поради тоа што украинското антикорупциско биро му има отворено случај за перење пари и проневера со која се стекнал со 100 милиони долари профит препродавајќи евтино купен гас за високи цени, како и човек што во 2011 година украинските медиуми го обвинуваа дека на син му на Гадафи преку избори за мис му местел малолетнички за проституција. Медиумите пишуваат дека во 2010 година под бројот 210/10/3/1047 отворен му бил предметот на Онишченко во кој се товари за дела од член 303 од Кривичниот законик на Украина, а полицијата предложила обвинението да содржи и подведување малолетнички, зашто Онишченко организирал избори за мис со млади девојки. Во случајот, според медиумите тој и неговиот содружник Валид Арфуш, биле обвинети за трговија со жени за сексуално да бидат експлоатирани во Русија, Казахстан и Обединетите Арапски Емирати.

Собраниската комисија за надзор на работата на АНБ во среда го повика да дојде директорот на институцијата  и кандидат за амбасадор во Франција Виктор Димовски, а на дневен ред е точката како дошло до тоа Онишченко да добие македонско државјанство.

Пред да стане македонски државјанин, Онишченко се преселил во еден куп држави, па дури и во Узбекистан. Лани во април дал интервју во кое кажува дека добил предлози да дојде во Македонија, во Унгарија и во Русија. Не кажува кој го повикал во Македонија. Кажува дека во текот на неделата е во Узбекистан, а за викенди во Европа. Во интервјуто Онишченко вели дека му е доста од политика и дека сега се фокусира на бизнисот и на коњите, а дека во Узбекистан има лични интереси како злато, хемиска индустрија и минерални ѓубрива во земјата на ,,неверојатен пазар”. Во тој текст, наведено е дека на сите американски државјани им е забрането да вршат било какви трансакции со него а неговите пари во САД се блокирани.

-Сега моите напори и можности ќе бидат насочени кон Узбекистан. Овде коњот е почитувано животно. Личноста што јава коњ се смета за побожна личност чии гревови се простени, вели Онишченко во интервјуто.

„Слободен печат“ провери и во Централниот регистар не пронајде фирми отворени или во кои како менаџер се јавува името Олександр Онишченко.

Безбедносните проверки во АНБ вообичаено вклучуваат и сектор во Агенцијата кој комуницира со стратешките партнери во случајов американската амбасада. Од амбасадата ветија дека ќе добиеме одговор на прашањето дали УБК ги контактирале за проверка на Олександр Онишченко и дали нивното мислење било негативно или позитивно за предлогот на новопечениот македонски државјанин.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот