Мисајловски најавува модернизација на Армијата со нова опрема и зголемен буџет
Армијата на Македонија влегува во период на интензивна модернизација, со значителни финансиски вложувања кои во наредната деценија ќе достигнат стотици милиони, па и милијарди евра, најави денеска од Вашингтон министерот за одбрана Владо Мисајловски во гостување на телевизијата Сител.
Препорачано
Тој истакна дека клучна тема на разговорите во Вашингтон била зголемувањето на издвојувањата за одбрана на 3,5 отсто од БДП во следните десет години и додаде веќе е подготвен план за постепено достигнување на оваа цел, при што средствата ќе се насочуваат директно кон модернизација на Армијата и набавка на нова воена опрема.
„Ќе се движиме внимателно, чекор по чекор, за да ги исполниме обврските кон НАТО. И покрај економските предизвици, ова е неопходно со оглед на безбедносната состојба во регионот и пошироко“, рече министерот.
Мисајловски посочи дека се разгледува можноста за директна набавка на воена опрема од САД, за што ќе започнат преговори со Стејт департментот и Пентагон. Во рамки на модернизацијата, тој додаде планирано е да се вклучи и домашната индустрија, со цел дел од инвестициите да останат во земјата и да придонесат за економски развој
Министерот најави значително зголемување на буџетот на Министерството за одбрана, со цел исполнување на НАТО-стандардите, како и зајакнување на капацитетите на Армијата за учество во меѓународни мисии и подобрување на интероперабилноста со сојузниците.


