Мирјана Јосифоска, дизајнерка: Употребата на материјали од природно потекло е дел од ДНК-та на мојот бренд

Мирјана Јосифоска / Фото: Антонио Станков/Frozen Time Drops/Приватна архива

Некои модни додатоци имаат посебно место во историјата. Така, шапките чија примарна идеја била луѓето да се заштитат од сонцето и дождот, денес се важен детаљ од целокупниот изглед на многумина и сè уште се во мода.

Мирјана Јосифоска е првата македонска модна дизајнерка која создаде сопствен бренд кој го сочинуваат уникатно и рачно создадени шапки, со употреба на занаетчиски техники. Овие модни додатоци сe одржливо дизајнирани и етички произведени во Македонија, создадени од материјали од природно потекло или рециклиран текстилен материјал.

Кога почнавте да креирате шапки? Дали е процес кој се одвиваше спонтано или отсекогаш знаевте дека ова ќе биде Вашата професија?

– Првпат започнав со креирање на неколку шапки за мојата прва колекција на облека наречена „Спомен на еден град“, со цел надополнување на аутфитите. Процесот на дизајнирање и создавање на шапките беше многу интересен за мене, па затоа решив следната колекција да биде фокусирана на шапки. Отсекогаш знаев дека сакам да работам во модната индустрија и да бидам модна дизајнерка, но дизајнирање на шапки започна спонтано и паралелно со мојот дизајнерски развој.

 Мирјана Јосифоска
Мирјана Јосифоска / Фото: Приватна архива

Парчињата кои ги дизајнирате се навистина уникатни. Дали имате посебна техника на креирање и што влегува во изборот на материјали?

– Употребата на материјали од природно потекло или реупотреба на текстилен отпад се дел од ДНК-та на мојот бренд. Поради тоа, поголемиот дел од нашите шапки се создадени од сертифицирана, македонска 100 процентна волна. Покрај волната, користиме материјали од природно потекло како свила, лен, памук и вискоза. Друга работа по која се карактеристични нашите шапки е тоа што се украсени со штепови со конец од свила или памук, за разлика од полиестерските конци. Покрај материјалите, големо внимание посветуваме на рачната изработка на шапките. Моделите ги кроиме на тој начин да остане што помалку текстилен отпад. Останатиот отпад од првата колекција на шапки го рециклиравме и сега го употребуваме за создавање на врвки за пакување на шапките. Користиме посебна техника на пеглање со посебни калапи, со цел шапките да ја добијат претпознатливата црвстина и структура.

Колекција „Спомен на еден град“ / Фото Антонио Станков

Од каде црпите инспирација? Како се одвива креативниот процес и колку време е потребно да се изработи една шапка?

– Инспирација секогаш црпам од работи кои се лично блиски до мене, како настани, личности, места или историски теми. Во однос на модата имам влијанија од Том Форд за „Гучи“, Пјерпаоло Пичиоли за „Валентино“, Мери-Кејт и Ешли Олсен за „Д Роу“ и Фиби Фило за „Селин“, а во полето на дизајнот – рускиот Конструктивизам и Баухаус. Откако ќе одредам идеја, првиот и најважниот чекор е истражувањето на кое посветувам многу внимание. Првично истражувам сè што е текстуално за темата. Од сиот текст, извлекувам клучни зборови, реченици и фрази и од нив правам визулено истражување. Од сиот визуелен материјал се обидувам да извлечам првични форми на облеката. Секоја почетна скица на парчето облека почнувам да ја доработувам сè додека не стигнам до технички цртеж. По дизајнирањето следува конструкцијата, кај што создавам шаблони според техничките цртежи. Прво шијам еден прототип од муслин со цел да видам како ќе изгледа формата на моделот, а потоа создавам прототип од финалниот материјал на призводот со цел да видам како ќе реагира тој материјал. Ако сè е во ред со материјалот, прототипот се праќа во производство. Изработката на веќе постеочки дизајн на шапка, од почеток до крај трае од 2 до 4 часа во зависност од комплексноста на дизајнот. Кога тој модел се изработува во поголема количина, производствениот процес е побрз. Изработка на нов модел на шапка од скица до финален прототип, трае цели 3 до 4 дена.

Мирјана Јосифоска
Мирјана Јосифоска / Фото: Приватна архива

Дали дизајнирате и други парчиња облека или сте конкретно фокусирани само на шапки?

– Да, сум дизајнирала и други парчиња облека и моментално работам на колекција есен/зима за облека и модни додатоци. Меѓутоа, поголемиот дел од облеката која ја дизајнирам е повеќе од изложбен карактер, додека шапките – од производствен и продажен.

Колекција The Seven / Фото: Frozen Time Drops, во продукција на Моден Викенд Скопје

Дали кај нас има интерес за дизајнерски шапки? За што најмногу се заинтересирани купувачите и каде може да се најдат вашите дизајнерски парчиња?

– Пред да ја создадам првата колекција на шапки, направив истражување на пазарот и увидов дека не постојат македонски производители на шапки од природно потекло. Поради тоа, можам да кажам дека нашиот бренд е првиот македонски, дизајнерски бренд за шапки. Има голем интерес за шапките од страна на жени, но исто така и мажи, деца и тинејџери. Купувачите се најмногу заинтересирани за материјалите од кои се изработени шапките, како и за големината на шапките. Поради тоа нашите модели ги изработуваме во 3 големини: 56, 58 и 60 см. Нашите дизајнерки парчиња може да се најдат на нашите социјални мрежи (Инстаграм, Фејсбук и ТикТок), бутикот „I Love Fashion Clothing Store“ во Тетово и концептуалната онлајн продавница „УРМА“. Моментално работиме на наша веб страна.

Колекција The Seven / Фото: Frozen Time Drops, во продукција на Моден Викенд Скопје 2

Кои се Вашите планови за иднина?

– За неколку дена треба да излезе наша летна/резорт колекција на шапки и модни додатоци „Lavander Fields“, а истовремено работиме на колекцијата есен/зима 2022-23. Нашите планови за иднина е да продолжиме да создаваме по две колекции на годишно ниво, со фокус на шапки, стегачи, марами и слични модни додатоци. Моментална цел ни е да го зголемиме нашето учеството на македонскиот пазар и да започнеме со учество на балканскиот пазар.

Колекција The Seven / Фото: Frozen Time Drops, во продукција на Моден Викенд Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот