Министерството за здравство за „Слободен печат“: Д-р Игор Кузмановски прегледувал пациенти во „Мој Термин“ кога не му била обновена лиценцата

Доктор Игор Кузмановски од Клиниката за неврологија, кој беше експресно разрешен откако беше објавено компромитирачко видео на кое меша бела прашкаста материја – прегледувал пациенти во периодот кога специјалистичката лиценца од Лекарската комора му била истечена, потврдија за „Слободен печат“ од Министерството за здравство. Претходно од Лекарската комора потврдија дека на 15 март годинава на Кузмановски лиценцата му истекла, а нејзино обновување побарал дури минатата недела, половина година после истекот на важноста.

Веднаш по разрешувањето обезбедени се релевантни податоци од „Мој Термин”. Податоците укажуваат на реализирани прегледи и истите се предмет на понатамошна постапка во рамки на Министерството за здравство, велат од Министерството за „Слободен печат“.

Инаку министерот за здравство Азир Алиу формираше комисии, а истото го направија и од Клиниката за неврологија. Тие комисии првично требаше да утврдат дали докторот работел со пациенти во „Мој термин“ што веќе е потврдено. Следен чекор е да се испита дали лекувањето нанело штета или не, со оглед на тоа што било вршено без лиценца.

Вчера „Слободен печат“ објави дека Кузмановски и кога му истекла лиценцата од Лекарската комора, продолжил да поседува факсимил од Фондот за здравство важечки до 2028 година. Од Фондот одговорноста ја префрлија на Клиинката за неврологија, со која во времето кога требало да се обновува лиценцата на Кузмановски директоруваше Фатмир Меџити. ФЗОМ вели дека факсимилот што му го доделиле на Кузмановски бил активен во рамки на договор склучен меѓу Фондот и самата Клиника за неврологија, а Клиниката била должна да обезбеди стручен кадар што ќе има лиценца.

Факсимилот со број 712680, согласно евиденцијата на Фондот, е активен од 1 април 2010 година, со еден прекин во април 2018 година поради користење неплатено отсуство. Одобрението за издавање на овој факсимил е дадено врз основа на официјално доставен список на лекари вработени во здравствената установа, потврден и заверен од страна на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија – Скопје. Истиот е доставен согласно активниот договор од 2020 година со важност до 2028 година. Воедно, согласно член 3 од договорот склучен помеѓу ФЗОРСМ и ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија „обврска на здравствената установа е да обезбеди стручен кадар кој ги исполнува условите утврдени со актите на Министерството за здравство, меѓу кои и условот лекарите да поседуваат важечка лиценца за работа“, се наведува во соопштението на ФЗОМ.

Инаку, Државниот здравствен и санитарен инспекторат во текот на вчерашниот ден (14 октомври 2025) извршил вонреден инспекциски надзор на Клиниката за неврологија.

-Надзорот ја опфаќа работата на здравствената установа и на разрешениот директор д-р Игор Кузмановски како здравствен работник и како директор на таа установа во врска со одредби од Законот за здравствена заштита, информираа од ДСЗИ за „Слободен печат“.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера коментираше дека разрешениот директор на неврологија, доктор Игор Кузмановски имал импозантна биографија, а она што се видело на видеото бил момент на слабост што ќе го следи до крајот на животот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот