Министерство за култура: Мандатна визија што се потпира на три главни столба

Првата прес-конференција на министерката за култура Ирена Стефоска се одржа на 23 септември во дворот на Министерството, согласно со протоколите за заштита од коронавирусот, и се однесуваше на мисијата, целите и визијата за работата на Министерството за култура во наредниот период.

Заштитата на културното наследство, евроинтеграциите и младите се трите главни столба во Програмата на Владата и во мандатот како министерка за култура на Ирена Стефоска.

– Како што стои во моето мандатно писмо, во изворното значење на зборот „министер“ се содржи службата во интерес на граѓаните. Јас и мојот тим во оваа насока имаме благородна и одговорна мисија зашто културата и уметноста не познаваат граници и не ги делат луѓето ниту по етничка ниту по партиска ниту, пак, по родова, генерациска и која било припадност. Клучниот документ што ги дефинира основите на нашата мисија во културата е Националната стратегија за развој на културата за периодот 2018-2022 година, која беше изгласана во Парламентот без ниеден глас против. Ова подразбира обезбедување и осовременување на условите за работа на институциите, на независната сцена и на поединците – нагласи министерката Стефоска на самиот почеток од своето обраќање.

Таа истакна дека суштинската грижа за недвижното, движното и нематеријaлното богатство е врвен приоритет на нејзиниот министерски кабинет, а, впрочем, едно од клучните барања и на ЕУ кон Република Северна Македонија е токму заштитата на културното наследство.

Осврнувајќи се на заштитата на културното наследство, министерката истакна дека нејзина прва задача е да овозможи воспоставување на ефикасен систем за заштита на културното наследство и заедно со тимот и институциите да работи на раскрстувањето со вандалскиот однос кон нашето наследство, бидејќи таквиот однос кон него, сите нас нѐ носи во пропаст.

На новинарско прашање, министерката за култура Стефоска појасни дека новите Годишни конкурси за поддршка на проекти од национален интерес ќе бидат објавени според стариот Закон за културата, но веќе се работи на подобрување и усовршување на критериумите за вреднување на пријавите во Годишните конкурси. Стефоска истакна дека е од особена важност и во Собранието што побрзо да се донесе новиот Закон за јавен интерес во културата, во кој, меѓу другото, се менува и моделот на финансирање во културата.

За другите прашања, Стефоска нагласи дека пред доаѓањето на есента и во координација со сите засегнати страни, установите и Комисијата за заразни болести, посветено се работело за повторно отворање и функционирање на институциите од културата во време на светската пандемија.

Протоколите за театрите, пред новинарите ги појасни советничката на министерката за култура, Јасмина Никуљска, која кажа дека на седница на Владата веќе се усвоени општите протоколи за одржување настани во затворен простор, кои се однесуваат и на кината и на театрите. Никуљска напомна дека националните установи од областа на театарската дејност имаат обврска да изготват индивидуални протоколи, бидејќи секоја институција има свои специфики, а тие треба да бидат усогласени со општиот протокол кој е усвоен од Владата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 50, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот