Издавачот „Матица македонска“ ја објави новата стихозбирка „Свилени времиња“ на Марина Мијаковска

Марина Мијаковска

Во издание на „Матица македонска“ излезе од печат најновата стихозбирка „Свилени времиња“ од Марина Мијаковска. Промоцијата на „Свилени времиња“ ќе се одржи на 25 април (четврток), во 19 часот, во книжарницата „Матица ексклузив“. Промоторка на книгата е д-р Лилјана Пандева, а стихови од книгата ќе чита Ирена Јурчева.

Книгата содржи осумдесет и четири песни распределени во три компактни циклуси: Проветрено време, Свилени времиња и Времено сидро. Поговорот на книгата „Свилени времиња“ го напиша д-р Лилјана Пандева.

– Првата помисла за свилени времиња би била за меки, нежни, сјајни, шарени времиња. Затоа што тоа е првата асоцијација за свилата. Но, ако Мијаковска така ги пееше времињата, не ќе ја имавме оваа стихозбирка ваква каква што е: полна со симболика, неверојатно метафорична, на моменти метафизичка, но и реална.

Секако, потребна е вештина за да се открие токму секојдневието скриено под еден таков наслов. И повторно му се навраќаме на насловот, односно на свилата како материјал со сјаен изглед што потекнува од триаголна структура (поетски: три димензии), што ѝ дозволува на свилената ткаенина да ја прекршува светлината од различни агли, а тоа го може затоа што во основата свилата има голема тврдост, посилна е и од челик, растеглива е, тешко запалива и кај Мијаковска е превезот на сите времиња, какви и да се, или прекриени под нејзиниот превез или заштитени од настаните во просторот (дистопијата, граничните состојби, зазорот, нарушувањето на поредокот, недостатокот на рамнотежа) – напиша Пандева.

Марина Мијаковска досега ги има објавено стихозбирките: „Номадска душа“ (2010); „Куфери“ (2013); „Психоаналитичка алхемија од страсти“ (2013); „Тиркиз во лето“ (2015); „Постела на тишината“ (2015) и „Коскена“ (2019).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот