Брифинг на министерот Зоран Љутков

Министерот Зоран Љутков одржа брифинг и најави фокус на ревизија и стабилизирање на работата на културните установи

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков на 30 јули во „Јавна соба“ („Паблик рум“) одржа брифинг со уредници и новинари за култура од повеќе медиуми со намера да се оствари директна комуникација за сите активности на Министерството.

Основниот повод за одржувањето на брифингот и директната средба со новинарите министерот Зоран Љутков го лоцираше во брзата динамика во општеството, како и објавите на брзи вести, дезинформации, сензационалистички наслови и непотврдени информации поврзани со работата на Министерството за култура и туризам. Оттука, тој истакна дека е подготвен директно да одговори на сите прашања и нејаснотии поврзани со тој ресор.

Министерот посочи дека претставува 72 национални установи кои се под Министерството, а на брифингот беа присутни и директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Билјана Стефаноска, директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева и в.д. директорот на Агенцијата за филм Сашко Мицевски.

На брифингот беа отворени повеќе теми, како ребалансот на Буџетот, подготовката на национални стратегии, Универзална сала, искуства со Годишниот конкурс за проекти од национален интерес, и беше одговорено на низа прашања.

Врз основа на направени анализи министерот констатираше дека институциите од областа на културата се затечени со ограничени ресурси, има нефункционални системи за поддршка на културните дејности, има многу започнати, а недовршени капитални проекти, некои од проектите се заглавени во административни лавиринти.

Затоа фокусот бил ставен на стабилизирање на работата на културните установи, ревизија на капиталните проекти и воспоставување на јасна динамика за нивната реализација, како и на отпочнување процес на реформа на културната политика со намера таа да биде поинклузивна, потранспарентна и ориентирана кон реалните потреби на културните работници и на публиката.

Брифингот со уредници и новинари за култура се одржа во „Јавна соба“ („Паблик рум“)

Министерот го објасни процесот на укинувањето на Агенцијата за туризам и нејзиното припојување во Министерството за култура и туризам со превземање на сите вработени, за што била направена нова систематизација во Министерството. Тој најави дека буџетот од околу 10 милиони евра наменет за Агенцијата ќе биде распореден за десетина проекти кои се дел од активностите на Министерството, како за активности на Плаошник, на Скопското кале, за Агенцијата за филм, за Турскиот театар, за откуп на ликовни дела, за саем на туризам и други.

На поставено прашање за Универзалната сала рече дека проектот на реконструкција во целост е под Министерството, одвоени се 20 милиони евра распределени во три години, а се очекува проектот да заврши до крајот на 2027 година. Потоа со Универзалната сала ќе управува Градот Скопје.

Паралелно со подготовката на нова стратегија за културата, по истекот на претходната во 2022, Министерството подготвува и Стратегија за туризмот за периодот 2027-2032.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 292, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-3.8.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот