Министерот за внатрешни работи на Непал поднесе оставка по сомнежите за корупција
Министерот за внатрешни работи на Непал поднесе оставка, наведувајќи дека „има прашања во врска со неговите инвестиции и други работи“. Тој е вториот министер што се повлекува од новата влада на Непал, која досега наполни само еден месец од мандатот, пренесува Ал Џазира.
Препорачано
Судан Гурунг денска го објави своето заминување, нагласувајќи дека повеќе прашања треба да бидат истражени, без да даде дополнителни детали.
„Поднесов оставка од функцијата министер за внатрешни работи, со важност од денес“, напиша 38-годишникот на своите профили на социјалните мрежи.
„За мене, моралот е поважен од функцијата и нема поголема сила од довербата на јавноста… Јавниот живот треба да биде чист, лидерството треба да биде одговорно“, додаде Гурунг, кој ја презеде функцијата на 27 март.
Дипа Дахал, советничка за медиуми на премиерот Балендра Шах, потврди дека оставката на Гурунг е примена. Шах ќе раководи со Министерството за внатрешни работи сè додека не биде направено ново именување, додаде Дахал.
Гурунг дојде во фокусот на јавноста откако нареди апсење на поранешниот премиер КП Шарма Оли и неговиот министер за внатрешни работи Рамеш Лекхак, во врска со истрага за нивната улога во репресијата врз младинските протести минатиот септември.
Раперот што стана политичар Шах (35) стана премиер откако неговата тригодишна партија Растрија Сватантра (RSP), која ветуваше борба против корупцијата, добро владеење и транспарентност, победи на парламентарните избори минатиот месец.
За време на неговиот тригодишен мандат како градоначалник на главниот град Катманду, Шах стекна популарност со своите реформи.
Претходно овој месец, владата формираше петчлена комисија предводена од поранешен судија на Врховниот суд за да ги истражи имотите на политичарите и функционерите.
Шах го разреши својот министер за труд претходно овој месец, откако RSP утврди дека Дипак Кумар Сах ја злоупотребил „достоинственоста на својата функција“ за да обезбеди неговата сопруга да биде именувана за член на управниот одбор на државниот Фонд за здравствено осигурување.
Непал моментално се наоѓа на 109-то место од 180 земји на Индексот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси Интернешенел“.


