Министерката Шукова ќе го поддржи протестот против рудникот, а за владата од која е дел порача да биде внимателна

Каја Шукова - мин. за животна средина и просторно планирање / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески
 Министерката за животна средина Каја Шукова ќе присуствува на протестот против рудникот во Иловица, кој со почеток во 11 часот утре ќе се одржи во Струмица. Протестот го организира иницијативата „Здрава котлина“ која забрани партиски симболи и обележја на протестот, но ги повика сите политичари да дојдат и да ја изразат својата поддршка. Кој политичар нема да дојде, не треба воопшто да доаѓа ни на идни политички собири во југоисточна Македонија, порачуваат организаторите.
-Владата донесе одлука за спојување на концесиите. Тие веќе беа концесии кои беа издадени. Ја разбирам загриженоста на граѓаните. Ако можам денеска да го кажам мојот личен став, лично сум против нови рудници во државата. Мислам дека тој земјоделски крај каде што треба да се развива земјоделието и каде државата ги поддржува земјоделците треба да ни биде приоритет. Тоа е мојот личен став. Ќе се придружам утре, ќе бидам во Струмица. Сакам да ги чујам граѓаните и сакаме да бидеме дел од овој процес. Владата во координација со премиерот и министрите, пак ќе ја разгледаме одлуката за спојувањето на концесиите иако, тоа само значи административно спојување на две концесии, изјави Шукова.
Таа додаде дека во Министерството за животна средина не е пристигнато барање за оценка на влијанието врз животната средина од евентуалниот рудник.
-Во меѓувреме се консултиравме со професори од оваа проблематика за да имаме сознанија. Тоа е тешка загадувачка индустрија и мислам дека сите, вклучително и владата треба да сме внимателни во овој процес, додаде министерката. Организаторот на утрешниот протест  ја отфрла идејата на СДСМ за референдум за прашањето дали да се отвора рудникот и го смета истото за обид да се обесхрабри јавноста од протести и изразување на револт против рудникот и загрозувањето на земјоделскиот крај. Оттаму додаваат и дека Уставниот суд во 2018 пресудил дека локални референдуми не се уставни за рудници. Блокадата ќе се одржи утре, на 15 јули со почеток во 11 часот, на раскрсницата на центарот во Струмица веднаш до градскиот пазар „Глобал“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот