Милошоски: Нино Васев на Онкологија имал политички покровител што доведе до морбиден скандал и профит

Антонио Милошоски/ Фото: Архива на Слободен печат

Анкетната комисија за скандалот со Онкологија денеска продолжува во Собранието со прашања за екс-директорот на Фондот за здравство, Орхан Рамадани кој на функцијата бил од 2015 до 2020 година. Освен него поканети се и други експерти и раководители на здравствени установи, кои ќе сведочат подоцна. Единствено Ден Дончев не ја примил поканата.

Пратеникот Антонио Милошоски го праша Рамадани кои се обврските на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) поврзани со членот 9 од Законот за здравствено осигурување којшто пропишува дека Клиниката има обврска да побара од ФЗОМ согласност за набавка на биолошка терапија (односно за условниот буџет). Согласноста од Фондот мора да се добие и за парите и за количината на лекови.

– Дали оваа согласност која со закон сте обврзани да ја дадете на клиниките, е задолжително да биде почитувана од клиниката, или е паушална согласност која клиниката не мора да ја почитува и дали може да ја надмине сумата што сте ја ограничиле на одреден износ, а тие ја надминале двојно или тројно, праша Милошоски.

Екс-директорот на ФЗОМ Рамадани одговори дека секоја година ФЗОМ носи буџет за секоја институција и при донесување на буџетот се земаат предвид повеќе фактори.

– Покрај буџетот, има и условен буџет. Ова што го прашувате е за условниот буџет. Со него клиниката може да набавува лекови кои не се на позитивната листа под услов да добие согласност од Министерството за здравство, после што дописот доаѓа до Фондот. Фондот гледа дали има буџет за тие лекови и потреба од нив. Фондот на управен одбор носи одлука за согласност, рече Рамадани.

Милошоски кажа дека ова само потврдува дека екс-директорот на Онкологија, доктор Нино Васев бил над законот, над согласностите и над ограничувањата што Фондот му ги давал за лекови.

– Директорот не бил сам, имал и политички покровител штом вака лесно и долги години ги пречекорувал набавките за лекови во големи суми, што резултираше во морбиден скандал и профит, рече Милошоски.

Пратеникот Ненад Коциќ праша дали додека Рамадани бил директор на ФЗОМ, добил пријава за незаконско работење и злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија и дали Фондот вршел редовна контрола во Клиниката за онкологија.

– Во 2017 направена е контрола на условниот буџет во два наврати. Констатирано е дека не е доставена документација за аплицирана терапија бидејќи истата не била набавена. Во 2019 сме имале претставка за рефундација за лек кој не бил на позитивната листа. Во 2019 во редовна контрола констатирана е една погрешно кодирана процедура, одговори Рамадани.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот