Кандидатот Приморац и премиерот Пленковиќ Фотографија ЕПА

Милион сигнали за тревога во ХДЗ

Ова е досега најтешкиот пораз на национално ниво за ХДЗ од формирањето. Актуелниот претседател победил во градот Загреб и во сите жупании

Убедливата победа на Зоран Милановиќ на претседателските избори во Хрватска се толкува како масовен протест против Хрватската демократска заедница и тревога за десничарската партија дека граѓаните не се задоволни од нејзиното владеење, без оглед на тоа што лани мнозинството гласаше за неа.

Иако и пред вториот круг од гласањето се очекуваше Милановиќ да го совлада противкандидатот Драган Приморац, предложен од ХДЗ, малкумина веруваа дека разликата може да биде толку голема. Милановиќ освои 1,12 милион гласови, односно 74,7 отсто, а Приморац освои 380.000 речиси три пати помалку.

Ова е досега најтешкиот пораз на национално ниво за ХДЗ од формирањето. За споредба, на претходните избори во 2020 година, Милановиќ ја совлада Колинда Грабар-Китаровиќ со разлика од стотина илјади гласови, а таа во 2015 година освои 34.000 гласа повеќе од Иво Јосиповиќ. Само Фрањо Туѓман, на првите избори во 1992 година, освоил поголем процент гласови, 74,9 отсто, отколку Милановиќ во неделата.

Актуелниот претседател победил во градот Загреб и во сите жупании, најубедливо во Истра, со 90 отсто од гласовите, а најтесно во Личко-сењската жупанија, со 59 отсто. Во Загреб Милановиќ освоил 79,5 отсто од гласовите. На гласачкото место во Цивљане во Шибенско-книнската жупанија, Милановиќ ги добил сите 37 гласа, а Приморац ниту еден.

– Ова за мене е голем ден, оваа победа ја доживувам како признание и одобрување за мојата работа. Ова е плебисцитарна порака од хрватскиот народ за сите оние што треба да ја слушнат – изјави Милановиќ во триумфалното обраќање.

Подадена рака до противниците

Тој притоа ја „подаде раката“ за соработка со ХДЗ.

– Има уште една категорија наши граѓани, исти како овие тука, а тие гласаа за мене. Молам, голем аплауз за членовите на ХДЗ. Како сакате, мојата рака е подадена кон оние од извршната власт, кои велат дека се одговорни за 99 отсто од сѐ… Ова не е поддршка за мене, никој нема поддршка од 70 и кусур отсто гласачи, тоа е само во овој момент и само денеска – изјави претседателот.

Уште повпечатливо од огромната разлика е тоа што ни поразениот Приморац ни премиерот Андреј Пленковиќ не му ја честитаа победата на Милановиќ.

Наместо да честита, премиерот потсети дека и Милановиќ не му ја честитал победата на ХДЗ на парламентарните избори.

– Ги разбравме резултатите од изборите. Го победивме Милановиќ на парламентарните избори. Тој таму настапи како прекршител на Уставот. Од утре одиме да работиме и понатаму за Хрватска, пред нас се две години работа – изјави Пленковиќ.

Лидерот на ХДЗ настојуваше да се огради од резултатот на Приморац, кој фактички настапи како независен кандидат.

– Ова не е мој пораз. Приморац беше одличен кандидат. Тој, за разлика од Милановиќ, имаше програма. Приморац ја претстави својата, Милановиќ не претстави ништо. Тоа е една поука – изјави премиерот.

Пленковиќ призна дека „ова е повик за будење“ за ХДЗ и дека партијата „немала подобар кандидат од Приморац“, но одби да ги прифати резултатите како „тревога“ или „казна“ за владеењето, особено во неговиот мандат.

– Што тоа ние го направивме лошо за Хрватска во моите мандати? Не можете да ми го товарите тоа што било во времето на (Иво) Санадер. Тоа беше пред јас да бидам на челото на ХДЗ. Ја плативме казната. Ние тоа целосно го решивме. Тоа што некој има агенда да работи против ХДЗ, тоа е друго – изјави Пленковиќ.

Ароганцијата на ХДЗ

Политичкиот аналитичар Жарко Пуховски ја оцени како „опасно“ реакцијата на ХДЗ „како да не ги изгубила изборите“.

– Пленковиќ го претрпе првиот сериозен пораз. Многу несмасно реагираше. Фактот дека не му честитаа на Милановиќ не е толку важен, бидејќи ни Милановиќ своевремено не им честиташе, освен што покажува дека продолжува простачкото однесување. Но, многу поважно е тоа што ХДЗ сѐ уште реагира како да не ги изгубила изборите, како да не се свесни за реалноста, а тоа е многу опасно, бидејќи тие сепак владеат во Хрватска – оцени Пуховски за порталот Индекс.

Берто Шалај од Факултетот за политички науки оцени дека во ХДЗ веројатно ќе биле позадоволни ако Милановиќ победеше уште во првиот круг, за што му беа потребни едвај неколку илјади гласови повеќе.

– Уште на почетокот на претседателската кампања тие знаеја дека Драган Приморац тешко може да го победи Зоран Милановиќ, но во две недели претрпеа два тешки неуспеси во обид да ја покренат својата партиска машина. Ние знаеме дека ХДЗ е моќна партија, но очигледно ништо не можело да помогне кога имате толку слаб кандидат – изјави Шалај.

Политикологот Јаков Жижиќ ја префрла одговорноста за поразот врз премиерот Пленковиќ.

– Моќта е концентрирана во рацете на Андреј Пленковиќ, како човек што одлучува и тој има апсолутна контрола врз изборите на сите кандидати, па и на овој. Тоа е голема одговорност на Пленковиќ, пред сѐ негова. Секако дека никој, па ни тој, нема да каже дека тоа е негова лична одговорност, дека тоа е негов личен пораз, но факт е дека со ваков кандидат претрпеа толку болен и убедлив пораз – вели Жижиќ.

Тешко до приближување

Експертите сметаат дека убедливиот пораз не значи дека ХДЗ сигурно ќе ја изгуби власта, туку е само моментен израз на расположението на граѓаните.

– Луѓето едноставно не сакаа ХДЗ да ги контролира сите лостови на власта во Хрватска. Ова е некаков пораз на Андреј Пленковиќ, но се согласувам дека тоа веројатно нема да има влијание врз неговата позиција во партијата и на челото на владата – оцени Шалај.

Жижиќ не верува и во приближување на дијаметрално спротивните позиции на ХДЗ и на Социјалдемократската партија, наспроти изјавата на Милановиќ дека „ѝ подава рака на владата“.

– Милановиќ некое време, пред почетокот на официјалната кампања, ја покажуваше таа своја помирлива страна, како желба за некаква соработка, компромиси и договори. Но, има голема разлика помеѓу тоа што се зборува во кампањата и тоа што се работи кога владеете – изјави Жижиќ.

Симпатизери на Милановиќ ја слават победата – Фотографија ЕПА, Антонио Бат

Ни Шалај не очекува какво било приближување на Милановиќ и Пленковиќ.

– Некој во тој однос не треба да направи чекор напред, да подаде рака, туку да направи чекор наназад, да отстапи од некои свои барања и блокади. Досегашната политичка кампања на Зоран Милановиќ не сугерира дека тој би можел да тргне во таа насока, особено кога на спротивната имате премиер што не сака ни да слушне (за помирување). Ние синоќа не слушнавме честитка, туку враќање наназад: „Ни Зоран Милановиќ не ни честиташе“. Јас тука не гледам некаков простор за напредок. Ако не можеме на тоа некое ниво на политички бонтон да кажеме: „Ова го сакаа граѓаните, живееме во демократија, му честитам на победникот иако не се согласувам со него“, тогаш тешко ми е да кажам како да се постигне некаков компромис помеѓу нив двајца – изјави политикологот.

Пуховски, пак, додава дека ова е победа лично на Милановиќ, а не на социјалдемократите.

– СДП се шверцува покрај Милановиќ. Партијата навикна удобно да седи во сенка и така да напредува, како што покажуваат резултатите од анкетите – вели Пуховски.

Тој оценува дека освен двете главни политички партии, нема трета што би можела да ги загрози.

– Во овој момент, покрај ХДЗ и СДП, постои уште Мост, кој се врза за неартикулиран кандидат со апетит за примитивизам и кој, уште полошо за нив, се однесува подолго време како невладина организација што се занимава со политика, а не сака да е на власт – вели Пуховски.

Приморац им честита на Андреј и на ХДЗ

Поразениот кандидат Драган Приморац одби да му ја честита победата на Зоран Милановиќ, туку им честиташе „на хрватската демократија“, на ХДЗ и на премиерот Андреј Пленковиќ.

– Од Милановиќ ме делат различни духовни, морални и стручни вредности и визии за иднината. Одлуката на граѓаните треба да се почитува. Хрватска е создадена на жртвите на бранителите. Верувам во Хрватска во која секој човек ќе има достоинство, која ќе биде силно позиционирана во светот, која ќе соработува со НАТО, со Европската Унија, која ќе има силна економија. Драг Андреј, на тебе и на сите членови на владата и на ХДЗ сакам да им се заблагодарам на поддршката – изјави Драган Приморац.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот