Милевски подобро да играше лото
Тешко е да се каже и дали е успех или неуспех пласманот на третото место во квалификациите за СП. Зошто? Затоа што никогаш нема да дознаеме дали можевме и повеќе со оваа генерација ако беше предводена од подобар стручњак
Да бев доследен на себе, во овој „слободен удар“ ќе требаше да го бранам ставот дека македонскиот фудбалски селектор Благоја Милевски треба да го заврши циклусот што го започнал, и покрај тоа што договорот со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) му истече. Tоа значи – да продолжи да ја води репрезентацијата на Македонија и во плејофот за пласман на Светското првенство 2026 што претстои во март следната година.
Препорачано
Истото мислење го имав и кога ФФМ, но со друг претседател (Муамед Сејдини) не му го продолжи договорот на Игор Ангеловски на крајот на јуни 2021, веднаш по првиот историски пласман на „црвено-жолтите“ на ЕП. Ангеловски многу придонесе со резултатите што ги постигна како селектор Македонија воопшто да стаса до второто место во квалификациската група и до двата бараж-натпревари за СП 2022 година. Но, добитникот на лаврите за историската победа против Италија во Палермо од 1:0 беше неговиот наследник Благоја Милевски, кому тогаш не му пречеше да го преземе кормилото. Карма ис а бич, вeлат! Сега нему му се заканува истата судбина.
На натпреварот против Велс дури и му се даде преголемо значење. Плејофот ни беше загарантиран преку претходно освоеното прво место во Лигата на нации. Разликата е што сега за потенцијални противници ги имаме селекциите од првиот барабан (Италија, Турција, Данска и Украина), наместо од вториот. За да се пласираме на СП со – 48 репрезентации! А ги паметам и старите добри времиња кога Југославија играше на ЕП со само 4 репрезентации во 1976 година. Четвртото место беше однапред загарантирано. Денес фудбалот е бизнис што освојува нови пазари.
Ако сме доволно добри, ако веруваме дека кога се игра само еден меч, тогаш сè е можно (како во Палермо), тогаш и нема некоја голема разлика дали ќе играме со некој од споменатите репрезентации или со Чешка, Словачка или некој трет. Особено што единствениот вистински фаворит, аѕурите, се непрепознатливи подолго време.
Вистинското прашање е – дали сме доволно добри за да играме на Мундијал? Тешко е да се одговори на ова прашање. Како што е тешко да се одговори на тоа како е можно единствената до вчера непоразена репрезентација во квалификациите за Светското првенство што не е во првите 20 селекции според ФИФА ранг-листата (Македонија е 66-та на светот) да го доживее вториот најтежок пораз во својата историја – 1:7, и тоа од Велс.
За Милевски ова е втора катастрофа на Островот и нема да ги памети по добро овие гостувања. Како Никола Илиевски Џиџи во 2002 (2-2 против Англија во Саутемптон) и Среќко Катанец во 2006 (0-0 со Гордиот Албион во Манчестер) туку ќе биде единствениот фудбалски предводник досега што добил две „седумки“. Само не на лото! Веројатно подобро ќе поминевме доколку се „коцкаше“ против Велс и поставеше понапаѓачка формација кога веќе одбраната ни е ослабена, па да се брани со напаѓање на противничкиот гол. А тој го извади од игра Бојан Миовски, единствениот што им даде два гола на велшаните во овие квалификации и што добро го познава островскиот фудбал и менталитет (настапува во Шкотска). За да го внесе некојси таму, забраам му името.
И по поразот на Вембли пред речиси две и пол години, како и вчера, одговорноста за катастрофата ја презеде сè уште актуелниот селектор Благоја Милевски. Само што не дознавме како понесе одговорност. Оставка не даде. Му скратија од платата од повеќе илјади евра? Не верувам!
Тешко е да се каже и дали е успех или неуспех пласманот на третото место во квалификациите за СП. Зошто? Затоа што никогаш нема да знаеме дали можевме и повеќе со оваа генерација македонски фудбалери ако беше предводена од подобар стручњак. Како што нема да дознаеме дали ова беше максимумот, судејќи според „клупскиот потенцијал“ (ова клупски се однесува на македонските репрезентативци што седат на клупата во своите клубови наместо да играат).
Факт е дека ја имавме најдолгата двегодишна серија без пораз на квалификациски натпревари, факт е дека на моменти бевме и на чело на групата (макар и со натпревар повеќе), факт е дека останавме двапати непоразени против фаворитот Белгија. Арно ама, точно е и дека шансата беше пропуштена со изгубените четири бода на домашен терен (поради нерешените средби против Велс и Казахстан). Во Кардиф отсуствуваа само двајца искусни дефанзивци, Висар Муслиу и Езџан Алиоски, и одбраната веднаш се претвори во „мува без глава“, дури и предводена од одличниот голман Столе Димитриевски.
На крајот ќе излезе дека Милевски сам си придонел евентуалното продолжување на привилегираниот селекторски статус да не биде тема за дебата. Веројатно многу им олесни и на ФФМ за селектор да го именуваат тренерот за кој подолго време гласно се шпекулира – Гоце Седлоски! Но, Седлоски прво треба да ја заврши „партиската“ обврска – да биде шампион со Вардар. Со пенали досудени за „црвено-црните“ пред крајот на натпреварите или без, сеедно! Во неквалитетната македонска лига!


