Фатмир Лимани и Христијан Мицкоски / Фото: Фејсбук

Мицкоски сепак ќе го „реконструира“ министерот Лимани? Му ја одзеде „додадената вредност“ што еднаш му ја „додели“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ веќе не го фали министерот за социјална политика Фатмир Лимани како порано

Се навестува ли смена на министерот за социјална политика Фатмир Лимани, откако тој се разиде со сопартиецот и лидер на Беса, Биљал Касами? Премиерот Христијан Мицкоски веќе не го фали Лимани како порано и впечаток е дека остава простор тој да биде сменет при реконструкцијата на Владата што е најавена за во мај или во јуни. Лимани неодамна предизвика лавина коментари откако на ифтарска вечера на покана на албанскиот премиер Еди Рама беше во друштво со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Коментарите беа во насока дека ако Мицкоски не го смени Лимани при реконструкцијата на Владата ризикува во Владата да има „министер од ДУИ“. Касами пак, го прозва Лимани да објасни причината за состанокот.

 „Прераспределба на кадри“ на ифтарски вечери кај тројца премиери

Претходно, Мицкоски, во внатрепартискиот дуел меѓу Касами и Лимани, застана зад министерот и го пофали дека е „додадена вредност“ во Владата.
Премиерот, како што најави, засега не планира ни проширување на владиниот состав со претставници на Алијанса за Албанците, предводена од Зијадин Села, откако оваа партиска фракција ја напушти коалицијата Европски фронт, предводена од Али Ахмети, но и по шпекулациите дека бара место во владината коалиција.

– Имаме принципиелен договор како коалициски партнери во Владата, договор на сите три политички структури – коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди и партијата ЗНАМ. Најавивме дека таму некаде, во мај или во јуни, ќе имаме реконструкција во Владата и, се разбира, многу од прашањата за време и пред реконструкцијата ќе бидат ставени на маса. Ќе разговараме – одговори Мицкоски на новинарско прашање дали Лимани ќе биде сменет од министерското место, како што претходно најави Касами.

Касами неодамна изјави дека се подготвува можна смена на министерот за социјална политика Лимани, бидејќи не е задоволен од неговата работа во извршната власт. Судирот меѓу Касами и Лимани кулминира по локалните избори лани, откако министерот кој беше кандидат за градоначалник на Кичево, загуби од противкандидатите. Тогаш Мицкоски рече дека тој нема такви информации, дека е задоволен од работата на Лимани и дека тој е додадена вредност во Министерството за социјална политика. Мицкоски тогаш го потсети владиниот партнер Касами кој е премиер.

– Јас сум мандатар на Владата и јас ја составувам Владата, ако некој тоа го заборавил, да го потсетам – одговори Мицкоски.

Останува отворено и прашањето – дали со владината реконструкција ќе биде опфатен и вицепремиерот Арбен Фетаи откако, пак, тој се разиде со партнерите од Вреди, бидејќи за него е неприфатлив предлогот Вреди како партија да има двајца претседатели – Билал Касами и Изет Меџити. Тој се залага за ротирачко претседателствување со Вреди.
Мицкоски ги отфрли и информациите дека нов партнер во Владата ќе биде Алијансата за Албанците на Села.

– Како коалиција имаме исклучително коректна соработка и не гледам во моментов простор за коалициски договори и преговори со други политички субјекти. Ќе повторам, образот го чувате цел живот, а го губите само еднаш – рече Мицкоски.
Во пресрет на реконструкцијата на Владата, се очекува Вреди да се трансформира во партија, а Мицкоски ќе треба да пресече дали ќе им се заблагодари на Лимани и на Фетаи.

Фатмир Лимани одговори на прашањето од Вреди – што барал на маса со Али Ахмети на ифтар?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот