Мицкоски: Не прифаќам диктати и уцени, ЕУ интеграција е можна без да се повредат чувствата на македонскиот народ
Премиерот Христијан Мицкоски е убеден дека со разговори и со преговори, колку долго и да траат, може да се постигне компромисно решение со Бугарија, во духот на европските вредности, но без ултиматуми и закани за да може Македонија да го продолжи европскиот пат, зашто полноправното членство во ЕУ останува стратешка цел на неговата Влада и за тоа вели, има поддршка од граѓаните. Токму во тој дух, откри премиерот, била и понудата за посредство на унгарскиот премиер Виктор Орбан, која во Бугарија експресно беше одбиена. Вината за тоа што се одвои пристапниот пат на Албанија од оној на Македонија ја наоѓа во претходната власт, во „корумпираните политичари“ и во лошите договори што ги направиле, кои сега и Бугарија и ЕУ бара да ги почитуваме.
-Ако се гледа Преспанскиот договор, тој е условен, таму си стои дека ќе се направат уставните измени но тие ќе станат ефективни тогаш кога грчкиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол на Македонија во НАТО. Го сакаме ли сега овој pacta sunt servanda, ајде да го примениме за да го решиме ова прашање. Ќе станат уставните измени ефективни тогаш кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот договор на Македонија во ЕУ. Но, се собрале тројца корумпирани политичари од овде и потпишувале сè мислејќи дека тоа што го прават овде ќе биде заборавено. Не можеме да имаме политика на двојни стандарди. Или ќе бидеме со политика на јасни принципи и вредности или не може, лоша порака е. А ако испраќаме порака дека ова е тоа, тоа е ултиматум, тоа не се европски вредности. Европски вредности се да се разговара и да се преговара сè додека не се постигне решение, и токму тоа го понуди мојот личен пријател, како и на Македонија, господинот Виктор Орбан. Еве ние претседаваме со Унијата, дојдете да седнеме да разговараме, да помагаме колку можеме и јас прифатив, покажав конструктивност, жалам што од кај источниот сосед не прифатија. Стојам на располагање, било каде ќе појдам за да разговараме. Колку е потребно, со часови, со денови, со недели, сè да ставиме на маса и да го решиме ова еднаш засекогаш. Но да влеземе сега во процес којшто не ни гарантира успешен крај нема да бидам наивен и никогаш нема да ги предадам очекувањата на граѓаните – рече премиерот Христијан Мицкоски.
Наспроти отстапките кои ги правела претходната власт, на политичката сцена во Македонија, според Мицкоски сега се политичари кои не коленичат и не виткаат кичма и го ограбуваат својот народ. Нагласи дека не стравува од изолација на земјата поради неприфаќањето на уставните измени затоа што во изминатите 100 дена тој и министрите имале многу билатерални средби со државници од земјите од ЕУ и најави дека дипломатската активност ќе продолжи.
-Ќе мора да се навикнете на македонски политичари коишто не коленичат, не виткаат кичма и додека го ограбуваат својот народ, потпишуваат договори на штета на својот народ. Мора да се навикнете на политичари кои работат за својот народ чесно и одговорно без истите да ги понижуваат и ограбуваат. А фокусот на оваа влада останува кон ЕУ и исполнување на нашата втора стратешка цел, а тоа е полноправно членство во рамките на ЕУ. И верувајте денеска во очите на многу од земјите членки, во очите на луѓето коишто сега го завршуваат својот мандат, во рамките на Европската комисија или Европскиот совет ние сме тие кои апсолутно имаат аргументи, а тие се тие коишто за жал немаат аргументи. Не е аргумент, тие се таму, вие сте надвор, ако сакате морате да прифатите што сакаат тие. Тоа е дикат. Јас диктати не прифаќам во животот и тука нема цена. Диктати, закани, уцени не прифаќам, кој и да е, тука нема цена. Зад нас се граѓантите кои гласаа за нас на изборите и сè додека тие нè поддржуваат, граѓаните ќе бидат наша инспирација и ние ќе работиме макотрпно, катадневно за да ги исполниме нивните очекувања, дециден е премиерот.
Во експозето по повод 100 дена, премиерот Христијан Мицкоски се осврна и на критиките кои ги доби Владата по неодамнешното одвојување од Албанија од евроинтегративните процеси и како што рече, обидот на опозицијата да ја префрли вината кон оваа Влада. Тој уверува дека неговата Влада е одговорна и нема да направи ништо спротивно на националните интереси и стратешките правци на граѓаните.
– Оваа Влада нема никогаш да направи ниту една отстапка којашто ќе значи дополнително понижување и срам за македонсктите граѓани без разлика дали се тоа Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или останати. Вие сте оние на кои ви го должиме сето ова, што претставуваме. Вашиот интерес е наша заповед, а ние ќе функционираме како ваши слуги. И немаме намера никогаш да отстапиме од идејата, да отстапиме од борбата затоа што сè додека ја имаме вашата поддршка и вие сте инспирација, ние ќе бидеме од ден на ден подобри. Втората порака е дека никогаш како Влада нема да отстапиме и од реализирање на нашата втора стратешка цел, а тоа е полноправно членство во ЕУ. И ако треба ќе разговараме со било кого, ако треба ќе разговараме колку и да е потребно за да дојдеме до договор и компромис којшто е достоен, којшто нема повторно да ги повреди чувствата на македонскиот народ, но и на останатите народи во државава. Бидете сигурни дека и двете овие стратешки цели можат да се реализираат, нагласи Мицкоски во експозето по повод 100 дена од работата на Владата.
Тој е дециден дека овие две цели, заштитата на интересот на македонските граѓани и ЕУ интеграцијата, не се во конфликт и можат паралелно да се реализираат.