Мицкоски најави реформска влада, лично ќе му одговараат функционерите што ќе го изгубат тлото под нозете
Убеден сум дека во иднина ќе ја смениме реалноста, ќе ја трансформираме Македонија во успешна европска приказна, држава што ќе биде татковина на сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност, политичка припадност или неприпадност, место што ќе биде мотив и инспирација за оние што го напуштиле да се вратат назад, порача Мицкоски.
Многу скоро ќе биде составена новата реформска влада, чија задача ќе биде трансформација на Македонија во успешна европска приказна, држава што ќе биде татковина на сите граѓани, порача мандатарот Христијан Мицковски откако претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова вчера, во „Вила Водно“, му го врачи мандатот за состав на новата влада. Шефицата на државата порача дека Собранието беше конституирано со 76 гласа „за“ и врз основа на преговорите што се во тек ѝ даваат за право основано да смета дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, има сериозна можност да формира влада, односно да освои 61 глас за својата програма и составот на владата.
Сиљановска потенцираше и дека доверувањето мандат за состав на влада на Мицкоски е вистински правен и политички чекор.
Препорачано

Се држи во тајност новиот владин тим
Мицкоски сè уште го држи во тајност новиот владин тим, со образложение дека следуваат финалните внатрепартиски и меѓукоалициски консултации за предлозите за членовите на владата. Тој на идните министри им порача дека заедно со него се слуги на граѓаните и дека секој што мисли дека е над нив и секој што ќе го изгуби тлото под нозете, тој лично ќе се занимава со тие функционери. Порача дека фокусот на идната влада ќе бидат граѓаните и нивните потреби.
– Очекувам дека владата ќе биде формирана пред рокот. Гласањето во Собранието може да биде уште утре, бидејќи ако гледаме како е структурирана владата, тогаш ВМРО-ДПМНЕ има 61 пратеник, имајќи ги предвид разговорите што привршија и коалицијата што е направена, тогаш можам да кажам наш предизвик е да имаме двотретинско мнозинство. Тоа мнозинство е потребно за реструктурирање на владата и поради силниот реформски циклус и објавата за жесток фронт против криминалот и корупцијата, а за тоа се потребни измени на закони. Ако гледаме како поширока коалиција, имаме 78, но јас велам – имаме повеќе од 80 пратеници – рече Мицкоски.
Тој не сака преговорите за новата влада да се сведат на бројки, да се гледа нумерички на преговорите со коалицијата Вреди и со ЗНАМ, како што има тенденција да ги претстави ДУИ, туку тоа да биде процес кој што ќе додаде вредност.
– Ги гледам етноцентристичките изјави што доаѓаат од претставници на ДУИ, можеби на тој начин сакаат да внесат етнички провокации на соживотот во Македонија, со што преговорите за идната влада и институциите ќе бидат сведени колку добиле Албанците, Македонците, Србите. Ја следам внимателно оваа многу опасна игра на поединци што многу опасно ја играа во изминативе седум години. Ако така продолжат, многу брзо од денеска вистината ќе излезе на виделина – рече Мицксоки.

Фокус на економијата
Тој порача дека идната влада ќе се фокусира да ја раздвижи економијата, најави силен инвестициски циклус зашто тоа го очекуваат граѓаните.
– Подобрување на стандардот на живот, зголемување на пензиите, едно од водечките ветувања што ги имавме во кампањата. Се разбира оваа состојба што е во здравството во 21 век, пациенти да го губат својот живот чекајќи по ходниците, а хируршките сали да остануваат во состојба во која се овие денови. Учениците на први септември да добијат учебници, она што е важно, иако знам дека тука ќе имаме жесток и сериозен предизвик, бидејќи состојбата во Министерството за образование каде што е овој министер, не само што не е почнат овој процес, туку намерно го опструира за да, ете, на 1 септември кога ќе почне учебната година, учениците да немаат учебници пред себе – рече Мицкоски.
Тој додаде дека ќе работат за да има задоволни земјоделци, припадници на Министерството за внатрешни работи, на Министерството за одбрана. Впечатливо е дека меѓу приоритетите на новата влада ќе биде и отчет на дел од македонските дипломатите, кои како што најави мандатарот, ќе бидат повикани на разговор.
– Дипломатија што во светот ќе ги брани, ќе ги штити интересите на нашето семејство, на нашето македонско семејство, а не лични интереси на поединци, дел од нив, за жал, ќе мора во периодот што следува и да бидат повикани на сериозен разговор од надлежниот министер, кој е задолжен за работата на нашите дипломатски претставници – рече Мицкоски.
Меѓу приоритетите е и владеењето на правото, кое според мандатарот, во изминативе седум години изостанувало.
– Тоа се предизвици како и многу други кои што идната влада ќе ги има пред себе за решавање. Имаме начин, мотивирани сме, излеговме на овие избори со програмата „Платформа 1198“, најголем дел од решенијата за сите овие напластени проблеми се таму. Добивме речиси половина милион гласови од граѓаните на изборите за таа програма и таа треба да се спроведе. Убеден сум дека во иднина ќе ја смениме реалноста, ќе ја трансформираме Македонија во успешна европска приказна, држава што ќе биде татковина на сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност, политичка припадност или неприпадност, место што ќе биде мотив и инспирација за оние што го напуштиле, да се вратат назад – порача Мицкоски.
По доделување на мандатот, мандатарот за најмногу 20 дена треба да предложи програма и состав на владата. Седница за избор на владата се одржува во рок од 15 дена од приемот на предлогот. Расправата во Собранието може да трае најмногу два дена.

Ако Гаши кажал дека Косово е негова татковина, треба да им се извини на граѓаните на Македонија
Мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му порача на претседателот на Собранието Африм Гаши да им се извини на граѓаните на Македонија ако кажал дека Косово е негова татковина.
– Јас не сум ја слушнал изјавата на Африм Гаши. Мислам дека негова татковина е Македонија. Од тоа што јас сум разговарал со Гаши, сум слушнал лично од него дека наша заедничка татковина е нашата заедничка Македонија. Ако навистина дал таква изјава, треба да им се извини на граѓаните на Македонија. И тоа треба час поскоро да го направи. Од тука тој зема плата и од страна на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Бошњаците е избран за претседател на македонското Собрание – рече Мицкоски.
Гаши во интервју за косовската телевизија наводно изјавил дека неговата татковина е Косово. Тој во одговор на прашањето колку е запознаен со случувањата во Косово, зборувал за историјата на неговото семејство, кое, како што рекол, во 50-тите години на минатиот век се преселило од Качаник во Скопје. Гаши рекол дека тој е роден во Скопје, но оти неговите предци имаат потекло од Косово.
– Оние што се родени по 90-91 година, веројатно го немаат тоа чувство, но за мене тоа е исто како да кажам дека Косово ми е татковина. Тоа е земјата на моите родители. Сочувствувам со сè што се случува на Косово. Нема политички, економски, општествен процес што не го следам со големо внимание, исто како да сум од таму – рекол Гаши.


