Премиерот Христијан Мицкоски на владина седница / фото: Влада

Мицкоски ќе прави мозаик од идеи за правосудството, адвокатот Тортевски предлага увоз на судии

Да „увеземе“ стотина пензионирани судии од Словенија и од Хрватска кои ќе судат со интегритет. Иако оваа идеја можеби звучи неостварлива, треба да се најде начин, ако треба ајде да го смениме и Уставот. Во спротивно, ќе останеме со полтронството и партизирани кадри. Ќе рече некој, ама ние не сме банана-држава, не, ние сме станале кромид-држава, ние немаме одлики на суверена држава, вели адвокатот Александар Тортевски за „Слободен печат“

Премиерот Христијан Мицкоски сѐ уште чека предлози и идеи од експертите за тоа како да се реформира правосудството со цел да се врати довербата на граѓаните во судовите и во обвинителствата, која според него, веќе не е на катастрофално, туку на катаклизмично ниво. Рокот до крајот на август, до кога премиерот првично соопшти дека ќе чека предлози, може да се пролонгира и во текот на септември, по што тој најави дека ќе тргне со порадикални чекори за да го оствари ветеното во предизборната програма за целосно распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинтели.

– Останувам на ставот дека се потребни реформи на правосудниот систем, тоа е прва тема на сите анкети на јавното мислење. Во програмата стои дека Судскиот и обвинителскиот совет треба да се распуштат затоа што се партизирани, гледате што се случува, луѓе кои се дел од таа институција имаат признанија за кривични дела. Добро е што се отвори дебата во јавноста, ајде да направиме мозаик од идеите, гантограм на активности, чекори и реформи што ќе ги преземеме за да ја зголемиме довербата во правосудниот систем. Ако немаме доверба, имаме безбедносна закана кон државата. Ние како влада не смееме да дозволиме да немаме правна држава, а да имаме криминални политичари, затоа што тоа е безбедносна закана и ние треба да одговориме соодветно. Ќе правиме реформи за да ја затвориме оваа безбедносна закана – рече вчера Мицкоски.

Тој додаде дека не е безбедносна закана само кога со оружје се загрозува територијалниот суверенитет и интегритет, туку и кога има криминализирани поединци во правосудството.

– Тоа е исто како да имате буре со најубава и најчиста вода и ако во неа ставите неколку лажици фекалии. Засега покреативна идеја за реформа не сум слушнал. Ќе продолжиме со разговори до крајот на август, ако е потребно и понатаму – рече премиерот.

Тортевски: Да ангажираме пензионирани судии од Словенија и од Хрватска

Адвокатот Александар Тортевски смета дека ниту целосното распуштање на Судскиот совет и Советот на обвинители, како што бара владата на Мицкоски, ниту законските измени според препораките на Оценската мисија, како што бара ЕУ, не се соодветно решение за реформа на правосудството. Во разговор за „Слободен печат“ тој предлага да се поканат пензионирани судии од Словенија и од Хрватска, стотина луѓе со интегритет, кои ќе го наполнат Врховниот суд и апелациските судови.

– Да, треба да се распушти Судскиот совет, но кој ќе ги избира новите членови и каде ќе најдеме квалитетни луѓе? Во Врховниот суд и во апелациските судови, исто така се потребни обучени луѓе со висок професионален интегритет, но кој нив ќе ги избира? Во Судскиот совет влегуваат партиски кадри или лица блиски до политичарите и на тој начин никогаш ништо нема да се среди. Мој предлог е да „увеземе“ судии од Словенија и од Хрватска, кои сега се пензионирани. Кај судиите од тие земји сѐ уште опстојува и се пренесува духот од австроунгарската школа. Се сеќавам и во времето кога бевме заедно во СФРЈ словенечки и хрватски судии беа дел од Сојузниот суд, а ние бевме под нивна контрола и во неколку околности кога македонските правосудни органи сакаа да изведат некои правни манипулации на балкански начин, тие спречуваа – вели Тортевски за „Слободен печат“.

Александар Тиртевски/ Фото: ТВ Телма/принтскрин

Тој е на ставот дека ние во моментов немаме соодветни правосудни органи кои одговорно избираат и разрешуваат судии и прашува кој е органот на кој ние како општество треба да му го довериме тоа?

– Ако Врховниот и апелациските судови ги наполниме со стотина судии од Хрватска и Словенија, кои ќе судат со интегритет, состојбата многу ќе се смени. Основните судови во такви околности ќе мора да судат согласно законите, затоа што во спротивно пресудите нема да им поминуваат пред второстепен суд. Иако оваа идеја можеби звучи неостварлива, треба да се најде начин, ако треба ајде да го смениме и Уставот. Во спротивно, ќе останеме со полтронството и партизирани кадри. Ќе рече некој, ама ние не сме банана-држава, не, ние сме станале кромид-држава, ние немаме одлики на суверена држава – вели Тортевски.

Тој е категоричен и дека голем проблем во правосудството е балансерот и квотите за избор на судии и членови на Судскиот совет.

– Не е битно кој од која националност е. Ако се со професионален интегритет и сите 15 судии во врховниот суд нека будат Албанци, зошто би било тоа проблем. Но, на овој начин, кога некој што треба да се прими мора да е од одредена националност, нема да се постигне интегритет, туку ќе продолжи партизацијата. Имало судии во Врховен суд кои не знаеле правни термини за да си ја напишат пресудата, па зошто воопшто конкурирале? Ние сме во затворен круг од кој засега нема излез – објаснува Тортевски.

Политичарите, додава тој, само треба да имаат еден и единствен став – не се мешаме во одлуките на судовите, без разлика за кој се работи, и да се држат до тој став. И да бидат беспрекорно чисти во намерите.

Тортевски оценува дека позициите во Врховниот суд или во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители се примамливи заради високите плати.

– Имаат плати по 2.000 евра, по 3.000 евра, ајде нека излезат на адвокатскиот или правничкиот пазар да видиме дали е лесно како адвокати и правници да заработат 3.000 евра месечно, дали се толку стручни и со интегритет – вели Тортевски.

Граѓаните заслужуваат неселективна правда

Мицкоски вчера во Владата се сретна со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, како што рече, на нивно барање.

– Ние сѐ ќе направиме да ја донесеме правдата. Не смее да има граѓани од прв ред, елита, не смее да има граѓани од втор ред, туку мора сите да се еднакви пред законите и Уставот. Невладеењето на правото и криминалот се безбедносен проблем и ние како Влада мора да реагираме, а тоа им го предочивме на Судскиот Совет на средбата – соопшти вчера премиерот.

Дамева по средбата истакна дека судската и извршната власт треба да се гледаат како соработници, а не како соперници.

– Таа институционална меѓусебна соработка е многу важна за наредните чекори, наредните резултати се со цел враќање на довербата кај граѓаните. Граѓаните заслужуваат, а ние треба да обезбедиме неселективна правда во државата. Тоа може да се спроведе исклучиво со меѓуинституционална соработка – изјави Дамева.

Таа вели дека заложба на Советот е целосна имплементација на препораките од Оценската мисија.

– Судскиот совет веќе ги имплементира тие препораки и сметам дека тие треба да бидат во насока на успешно спроведување на реформскиот процес. Се надевам дека оваа средба е првиот чекор кон унапредување на детектираните слабости во судството и длабоко сум убедена дека понатаму таа соработка ќе вроди со плод. Граѓаните заслужуваат да имаат правда – рече Дамева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот