Мицкоски ги осуди скандирањата на вчерашниот кошаркарски натпревар во Куманово
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање го осуди скандирањето на вчерашниот кошаркарски натпревар помеѓу Македонија и Романија во Куманово и посочи дека навивачките групи треба да ги бодрат своите тимови, без навредливи и ксенофобични пораки.
Препорачано
„Во текот на вчерашниот ден домаќинот, а тоа беше Кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она што оваа Влада го поддржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, вели Мицкоски.
За скандирањата вчера со реакција излегоа од политичките партии ДУИ и владиниот коалиционен партнер Вреди и Кошаркарската федерација на Македонија, додека пак Општина Куманово како домаќин на настанот се огради и ги осуди скандирањата.
„Општина Куманово јавно ги осудува ваквите скандирања и се оградува од истите во својство на домаќин на настанот. Куманово било и ќе биде град на сите негови жители без разлика на нивната етничка припадност, а спортот и културата ќе ги користи да ги обединуваат граѓаните како и до сега“, велат од Kабинетот на градоначалникот Максим Димитриевски.


