Мицкоски: Час поскоро да се формира техничка Влада и да се распишат предвремени избори

Христијан Мицкоски/Фото: МИА

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи промена на Уставот и бара час поскоро да се формира техничка Влада и да се одржат предвремени парламентрани избори. Ова го порача лидерот на партијата Христијан Мицкоски во обраќањето на 31. годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Енергија, надеж, иднина”.
Мицкоски ги обвини партиите од власта СДСМ и ДУИ и нивните лидери Димитар Ковачевски и Али Ахмети дека ја злоупотребуваат европската иднина за да си обезбедат дополнителни привилегии и да останат што е можно повеќе на функции.

Јасно и гласно сме кажале, јасно и гласно сме повториле – нема хотел пратеници како што тоа го кажа пред некој ден Пендаровски, коишто биле убедувани во еден хотел недалеку од овде. Сега имаме пратеници коишто цврсто стојат на својот став, и тие нема да дозволат промена на Уставот. И да ја затвориме таа тема. И ајде од утре да зборуваме за темата за која јас сакам да зборувам, а тоа е час поскоро формирање техничка Влада и најдоцна до пролет да одиме на предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски.

Осврнувајќи се на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека следната година ќе биде подобра, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека таа реченица ја слуша веќе пет години, а секоја година е само полоша од претходната.

Македонија, според Мицкоски, е уморна од состаноци на политичари во вратоврски на коишто не се носат одлуки туку само се парадира, додека зад завесите се продолжува со истите погубни политики кои земјава ја тонат уште подлабоко и со уште поголема брзина. Тој истакна дека единствената лидерска средба на Македонија која ѝ е потребна и за која со задоволство ќе придонес е лидерска средба на која би седнале сите општествени чинители и би разговарале за платформа за Македонија и нејзиното стратешко позиционирање во однос на отворени прашања.

Мицкоски на годишната конференција на УМС упати и порака до младите да бидат храбри и да не се откажуваат.

Кога ќе сакаат да наведнете глава, вие кренете ја гордо високо. Кога ќе сакаат да молчите, вие зборувајте гласно, кога тие ќе притискаат – вие бидете храбри. Кога тие ќе сакаат да се откажете, вие бидете уште порешителни. Затоа што има борби во животот што вредат нешто, но има и борба што е повредна од сè друго. Се работи за Македонија, за нашата иднина, за заедничката надеж, рече Мицкоски во обраќањето на годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот