Месна заедница во Драчево се обновува со пари од Владата за капитални инвестиции
Започната е целосна реконструкција на објектот на месната заедница во Драчево, проект што, како што информира градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, долго време го очекувале жителите на населбата. Реконструкцијата се реализира со пари од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит.
Препорачано
Објектот добива целосно обновен кров и нова фасада. Со тоа се унапредува енергетската ефикасност и се создаваат подобри услови за користење. Ќе биде направена и комплетна замена на електричната, водоводната и канализационата инсталација. Греењето и ладењето во обновениот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи, со што ќе се обезбеди ефикасно и економично функционирање на објектот. Месната заедница ќе добие и целосно нова, функционална внатрешност. Простор прилагоден за потребите на граѓаните, напиша градоначалничката на Фејсбук.
Според неа, објектот кој со години беше во лоша состојба сега добива нов лик, односно квалитетен простор за средби, активности и услуги за жителите на Драчево.
Сепак, кај дел од граѓаните останува дилемата – дали реконструкција на објект на месна заедница е капитална инвестиција?


