Марин Гавриловски

Мера според мера – старо-новата доктрина на ВМРО

Овој библиски принцип (во Евангелието според Матеј 7:2, се вели: „Зошто со каков суд судите, со таков ќе ви се суди и со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери“), станува основно мото на разединетите фракции во македонската револуционерна организација, кои до триесетите години од минатиот век, поделени главно како помалку или повеќе пробугарски настроени, меѓу себе воделе крвава самоубиствена војна со цел да го превземат приматот во организацијата

Познатиот бугарски поет и револуционер Пејо Јаворов, во песната „Ден денувам“ посветена на неговиот пријател Гоце Делчев, ги напишал и стиховите: „С’ враг врагувам – мера според мера, С’ благ благувам – вера зарад вера.“
Овој библиски принцип (во Евангелието според Матеј 7:2, се вели: „Зошто со каков суд судите, со таков ќе ви се суди и со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери“), станува основно мото на разединетите фракции во македонската револуционерна организација, кои до триесетите години од минатиот век, поделени главно како помалку или повеќе пробугарски настроени, меѓу себе воделе крвава самоубиствена војна со цел да го превземат приматот во организацијата. Ликвидациите помеѓу видните претставници на фракциите во ВМРО се одвивале токму според правилото „мера според мера“, односно модерно да се изразиме, со реципроцитет во односите, па кога бил убиен еден претставник на врховистите, на пример, тие се одмаздувале со убивање на еден претставник на централистите и така до недоглед, односно до целосно онеспособување на капацитетите на организацијата и нејзино ставање во скутот на Царска Бугарија.
Не мора многу длабоко да се чепка во историјата на борбата за Македонија за да се сфати она што своевремено го изјави поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов, дека „Македонија е најромантичниот дел од бугарската историја“. По примерот на Јаворов, голем број на Бугари по род се вклучиле во редовите на ВМРО и учествувале во борбите во Македонија. Голем е, исто така, и бројот на Македонци кои бегајќи од зулумите на Турците, свое прибежиште нашле во Бугарија и со тек на време се бугаризирале. Тие сметале дека на територијата на Македонија живее население со бугарско национално чувство и дека борбата за ослободување на Македонија од турското ропство всушност е борба за присоединување кон Бугарија. Та Бугарите и денес за национален празник го слават денот на склучувањето на Санстефанскиот договор според кој, целокупната територија на Македонија требала да и припадне на Бугарија.
Но, тоа е само една страна од паричката. Бугарите никогаш не сфатија дека покрај оние кои себеси се сметале за Бугари, во Македонија имало и луѓе кое не се сметале за потомци на Асен, Кубрат или Аспарух (бугарски владетели – ханови), туку повеќе се сметале за потомци на Александар Македонски, како што тоа уште во 1892 година го забележал Ѓорѓија Пулевски во своето дело „Славјанско-маќедонска општа историја“, каде пишува: „ Дал сте чуле, Македонци, стари људи оти говорат: Од Македонци појунаци над них не било – Цар Александар Македонски триста лета пред Христа, со Македонци сву вселену повладал…“. Од 1892 година, па до денес Македонците успеаа да ги зацврстат сите атрибути на една нација и држава, јасно диференцирајќи се од своите соседи Грците, Србите и Бугарите. Овој факт мора да биде појдовната основа на секој бугарски политичар кој искрено сака да ги подобри и изгради на рамноправни основи односите меѓу Македонците и Бугарите, бидејќи, повторно да се навратиме на Библијата, во проделжение на цитатот од Евангелието според Матеј, се вели: „Зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забалежуваш? Извади ја најнапред гредата во своето око, па тогаш добро ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си“ (Матеј 7:3, 5, ). Сé додека бугарските власти не го прифатат постоењето на Македонците и македонскиот јазик (гредата во нивните очи) нема да може ниту да ја извадат раската во нашите очи – барањето да се вметнат претставниците на бугарското национално малцинство во уставот на државава.
Наследниците на врховистите, централистите, автономистите од денешното ВМРО, олицетворени во премиерот Мицкоски и неговите најблиски соработници, минатата недела во Вашингтон го имаа своето огнено крштевање во високите кругови на меѓународната политика на самитот на НАТО, организитран по повод 75-годишнината од неговото основање, во своите куфери носејќи го отвореното прашање поврзано со вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав, но и повторното „воспалување“ на веќе еднаш затворениот проблем со новото уставно име на државата предвидено со Преспанскиот договор.
И покрај добрата медиумска покриеност и присутност, како во медиумите, така и на социјалните мрежи, што и со оваа влада остана една од најјаките карики на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, не може да се каже дека македонската делегација имаше особено успешна посета, барем не поуспешна од оние кои ги имале нивните претходници од СДСМ. Премиерот Мицкоски имаше средба со официјални претставници на Конгресот на САД и на Стејт департментот под неговото ниво на претставување, тој не успеа да организира ниту билатерална средба со секретарот Блинкен, а уште помалку со потпретседателката Харис, која по протокол би била на неговото рамниште. Министрите Тошковски и Мисајловски се однесуваа како да се членови на работниот кабинет на премиерот, а не министри. За разлика од Мисајловски, Петровска имаше многу повеќе контакти на нејзино ниво особено со секретарите за одбрана на САД и на Обединетото кралство, како и со повеќето нејзини колеги министри за одбрана од земјите членки, во времето кога таа, во својство на министерка за одбрана, учествуваше на самитите и состаноците на Алијансата. Се разбира, тука не мислам на средбите во ходниците или во салата за пленарни седници, кои во суштина се протоколарни и без некое поголемо политичко значење, а во нашата јавност познати и како „намигнувања“, термин кој го користеше поранешниот претседател Иванов со намера да си даде значење кога на некој сличен настан наводно му намигнал претседателот Обама.
За разлика од нив, ѕвезда на посетата беше младиот и надежен министер за надворешни работи (плус, по ново) и за надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој како риба во вода пливаше по кулоарите на настанот во Вашингтон. Тој успеа да издејствува да седи на истата маса со Блинкен на свечената вечера во Стејт департментот на која присуствуваа и други министри за надворешни работи на земјите членки на НАТО. Дури и повеќе, на социјалните мрежи се појави и селфи фотографија на која беа Блинкен и Муцунски. Тоа укажува на фактот, кој авторот на овие редови повеќе пати го потенцирал, а тоа е дека земја (мала и безначајна) како Македонија треба и мора да ја базира својата дипломатија и однесувањето во меѓународната политика преку градење на лични пријателства со колегите, министри, дипломати и сл. од повлијателните земји во светот. Само на тој начин можеме да постигнеме нашите интереси да се слушнат погласно и подалеку, во спротивно ако дипломатијата ја оставиме на дипломати кои доаѓаат во амбасадите само да си ја заработат платата, а не да ја репрезентираат и протежираат својата земја ќе имаме медиокритетски или никакви резултати.
Во овие турбулентни времиња во кои полека но сигурно светот тоне, градењето на лични пријателства со колегите ќе биде од исклучително значење за остварување на намерите на премиерот и владата да постигнат ревизија на тн француски предлог. Имено, премиерот на еден од настапите во Вашингтон повтори дека владата е подготвена да ги внесе Бугарите во уставот доколку ЕУ гарантираат дека тоа ќе биде и последното условување на Бугарија. Секој оној кој барем малку знае за однесувањето на искомплексираната (од времето на СССР) Бугарија и нејзината надворешна политика, исто така знае дека таа ќе ја искористи секоја друга можност повторно и повторно да го кочи процесот на нашето евроинтегрирање. Токму затоа премиерот во стариот добар вмровски манир се обидува во разговорите да го вметне и принципот „мера според мера“, односно како што тој вели, односот со соседите е двонасочна улица, па така доколку Бугарите сакаат да влезат во уставот, ќе треба да се разговара и за положбата на македонското национално малцинство кај нашиот источен сосед и примената на 14-те пресуди на Судот за човекови права од Стразбур во кои е констатирано непочитувањето на човековите права на Македонците во Бугарија.
На крајот, да повторам, за да може да се оствари ова треба да се мобилизираат сите можни лични и други контакти со цел во ЕУ и во НАТО да се создадат пријатели кои би застанале на страната на Македонија во оваа нерамна битка. Изгледа дека премиерот има таков однос со неговиот унгарски колега Орбан, чија земја до крајот на годината претседава со ЕУ. Можеби е тоа право време дотогаш да се заврши постапката за внесување на Бугарите во уставот со стапување во сила на одредбата во уставот, но нејзина примена по пристапувањето на државава во ЕУ. Тогаш, иако модифицирана, нашата обврска ќе биде завршена и топката ќе биде префрлена на половината на ЕУ и да видиме тогаш по која мера таа ќе го сообрази своето однесување кон Македонија. За да можеме да ги зголемиме шансите тоа „да ни пројде“ треба веднаш да го затвориме, повторно без потреба отвореното прашање со употребата на придавката „северна“ кон нашето ново уставно име. Ниту имаме капацитет да го ревидираме Преспанскиот договор, ниту пак сила да водиме војна на два фронта. Затоа треба повторно Грција да ја ставиме на наша страна со реафирмирање и потврда на користењето на новото име во согласност со уставот и договорот од Преспа. На тој начин ќе ја изолираме Бугарија и ќе можеме да се сконцентрираме на оживување на нашиот процес на евроинтеграција.
Или, што би рекол Џозеф Кенеди (таткото на претседателот Џон Кенеди): “When the going gets tough, the tough get going.” Парафразирано тоа би значело дека само со јака волја, сила и решителност ќе може да се надминат тешките моменти, а претпоставувам дека идејата да се влезе во политиката е токму да се решат проблемите во кои се наоѓа државата и да се создадат услови за напредок, просперитет и подобар живот на нејзините граѓани.

(Авторот е адвокат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот