Плакат за изложбата „Телото што ја памти тишината“ во МСУ

Меморијата, тишината и трауматското искуство се во фокусот на новата изложба на Тања Балаќ

Во Музејот на современата уметност во Скопје на 31 март, во 20 часот, визуелната уметница Тања Балаќ ќе се претстави со новиот проект „Телото што ја памти тишината“, мултимедијално дело што ги истражува односите меѓу меморијата, тишината и трауматското искуство.

Изложбата е структурирана како просторно и визуелно искуство што се одвива во две целини: инсталација во изложбениот простор и видео проекција во кино салата. Преку минимални, но внимателно артикулирани елементи – светлина, боја и движење – авторката создава амбиент што повикува на засилена перцепција и внатрешна концентрација.

Во фокусот на проектот е идејата за телесна меморија – како тивко, често невидливо присуство што ги носи и трансформира искуствата, без нужно да се манифестира директно или наративно. Проектот се навраќа на интимни и суптилни состојби, отворајќи простор за нивно ненаметливо, но силно доживување.

Со овој проект, Тања Балаќ продолжува континуирано истражување низ повеќе од три децении творештво, каде личното искуство се преплетува со пошироки прашања за присуството, ранливоста и тишината.

Во својот текст кон изложбата, кураторката Алесандра Чианети (Лондон) истакнува: „Овој експериментален филм не е отстапување туку продлабочување на нејзиното истражување на тоа како телото го содржи она што светот често го замолчува. Тој не само што ја прикажува траумата, туку ја создава самата текстура на нејзиниот остаток. Начинот на кој траумата се задржува долго откако ќе помине моментот, е впишан не во наративот, туку во месото, во здивот, во просторите меѓу зборовите. Уметницата го опишува потеклото на делото, произлезено од ‘идејата за траумата’ не како настан, туку како остаток – нешто што останува во телото, долго откако ќе помине моментот.“

Изложбата ќе ја отвори проф. д -р Антоанела Петковска, редовен професор при Институтот за социологија на Филозофскиот факултет. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РС Македонија.

Tања Балаќ во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година, магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006-2013 година беше и негова претседателка.

Меѓу многубројните професионални посети надвор од границите на Македонија остварува студиската посета во Париз во 2003 и 2024 година. Своето професионално и уметничко искуство постојано го збогатува со работни и студиски посети во странство, учество на меѓународни фестивали и изложби, за кои има добиено значајни награди и признанија. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на различни медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео уметност. Живее и работи во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот