Фото: mkd.basketball

Мекиќ: Очекувам добри игри и позитивни резултати против Азербејџан и Ирска

Ова лето Адем Мекиќ, заедно со капитенот Андреј Магдевски, повратникот Џејкоб Вајли, беше означен како еден од носителите на видно изменетиот состав на најдобрата македонска кошаркарска репрезентација.

Но, повредата на средбата со Унгарија, го спречи да биде во тимот за наредните мечеви, оние со Романија на гостински терен, и со Унгарија на домашен. Сега, тие проблеми се одамна зад искусното крило, и Мекиќ се чувствува подготвен да го даде својот максимум на мечевите кои следуваат во овој ноемвриски ФИБА „прозорец“, во кој се предвидени два натпревари.

Првиот со селекцијата на Азербејџан, кој ќе се игра на 27 ноември во СРЦ „Кале“ во Скопје (со почеток од 19.00 часот). Вториот, три дена подоцна, на 30 ноември, против репрезентацијата на Ирска.

– Како што е веќе познато, во секој нареден циклус имаме нов состав. Се надевам на одлична, пред се, тимска хемија, затоа што, за разлика од летото, имаме спој на младост и искуство. Имаме играчи како Војдан Стојановски, потоа Стојан Ѓуроски, тука е и Андреј Јакимовски… сигурно на хартија сме подобра екипа од што бевме летоска. Пред се поискусна, подоминантна екипа. Се надевам на добри игри, на добри мечеви, на енергетски и тимски план, и на позитивни резултати – вели Мекиќ.

Дополнува и тоа дека предноста која ја носи домашниот терен, едноставно, мора да се искористи, веднаш, уште на мечот со репрезентацијата на Азербејџан.

– Првиот меч го играме дома, тоа е еден голем плус за нас. Овој циклус е таков каде нема многу време за тактика. Во овој циклус ќе одлучува тимската хемија и енергијата. Прв противник ни е Азербејџан, немам јасна слика за нив, но од она што го чув во Косово затоа што тие играа претходно со нив, информациите се дека играат цврста кошарка. Сигурен сум дека тренерите ќе ги обезбедат сите информации и ќе влеземе спремни за натпреварот со нив – додава нашиот репрезентативец пред првите обврски во овој ФИБА „прозорец“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот