„Матица“ го објави романот „Увозникот на бели ноќи“ од Трајче Кацаров

Насловна корица на романот / Трајче Кацаров

Новиот роман на писателот Трајче Кацаров со наслов „Увозникот на бели ноќи“ носи приказна за елементите кои го чинат човековиот идентитет. Романот излезе во издание на „Матица“, а рецензија за книгата напиша Христо Петрески.

– Кацаров како да си поигрува шах со читателот, па создал еден реминисцентен, носталгичен, но и длабоко актуелен и современ роман, каде не знаеш што е побитно и потрајно: дали спомените кон дедо му Трајко, или семинарите од контроверзниот ден…

Читателот од страница во страница, од збор до збор, го одмотува клопчето и размислува за туѓиот, но и за својот живот, а тој е неизвесен, непостојан и трнлив, менлив и минлив. Час е нагорен, а час надолен патот на човекот и писателот, па во таа заитаност и задуманост може да се смести и оваа документарна и фактографска проза, која понира и во психолошкото и во филозофското, а најголемиот бенефит е творечката и креативна постапка и постигнатиот резултат.

Малиот и осамен, обичен човек среде секојдневието и катадневието, но и големите надежи, проекции и небулози – доведуваат до скепса, резигнација, иронија, пародија, сарказам и се одраз на една немерлива и нескротлива немоќ, разочарување, негодување, нирвана и катарза.

Најлоша, неподнослива и најтрагична е статус кво позицијата и ситуацијата, па затоа Кацаров првенствено се бори и се изборува (но и се изморува и исцрпува) против тоа. Ова е книга за насладување и размислување, се отвора и затвора во истиот миг, поставува бројни дилеми и загатки, но и се обидува да ги демистифицира и разгатне – напиша Петрески.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 181, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-4.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот