Математички гениј од Балканот уништи криптоплатформи за 65 милиони долари
Андеан Меѓедовиќ, канадски хакер од босанско потекло и математички гениј, е осомничен дека извршил софистицирана хакерска измама и на тој начин проневерил криптовалути во вредност од 65 милиони долари, пишуваат медиумите во регионот.
Препорачано
Неколку земји издадоа потерници по него, тој беше уапсен во Србија, но Високиот суд во Белград одби да го екстрадира во Холандија. По 105 дена поминати во притвор, тој беше ослободен, по што му се изгубија сите траги. Во моментов, преку американските лобисти, тој се обидува да добие помилување од Доналд Трамп за да избегне повеќегодишна затворска казна. Меѓедовиќ е роден во Хамилтон, во канадската покраина Онтарио. Завршил средно училиште на 14 години, додека на 18 години магистрирал на математика. Неговите родители емигрирале во Канада по војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите. Тој се сметал за математички гениј, но, според истрагата, го искористил своето знаење за да оди „на другата страна од законот“ и да натрупа богатство проценето на 65 милиони долари.
Меѓедовиќ е познат низ целиот свет како хакер кој, благодарение на своето математичко знаење и компјутерски вештини, извлекол милиони долари од две платформи за тргување со криптовалути – Indexed Finance и KyberSwap. Освен што подигнувал пари, тој комуницирал и со своите жртви, што го привлече вниманието на експертите бидејќи таквото однесување отстапува од вообичаениот профил на хакери вклучени во вакви измами. Кражбите во вкупна вредност од 65 милиони долари се случиле помеѓу 2021 и 2023 година, откако, според сомневањата на истражителите, тој ги искористил грешките во кодот на гореспоменатите платформи.
Првиот хакерски напад со кој е поврзан се случил кратко време по неговото дипломирање. Се поврзува со хакирањето на компанијата Indexed Finance, од која беа извлечени 16 милиони долари во октомври 2021 година, преку навидум тривијална измама. Тој е поврзан со овој случај благодарение на корисничкото име што го користел на интернет. Истиот прекар бил користен за уредување на страница на Википедија, но и за време на неговото учество во натпревар во програмирање. Иако истражните органи успеале да го поврзат со грабежите, тие траги не биле доволно силни за да се изврши апсење во тоа време. Сепак, судот во Онтарио издаде налог за негово апсење во декември 2021 година, по што се изгубиле сите траги од Меѓедовиќ.
На почетокот на 2023 година, Меѓедовиќ во изјава за DL News изјави дека сè уште е во бегство и дека живее на остров чие име не сакаше да го открие. Неколку месеци подоцна, средствата од паричниците користени за време на хакирањето на KyberSwap почнаа да се влеваат во криптопаричниците поврзани со хакирањето на Indexed Finance. Потоа истражителите успеаја да го поврзат со новата кражба.
Неговото име повторно се појави во јавноста во 2024 година, кога беше уапсен во Белград врз основа на потерница издадена по него од Холандија. Документите од постапката за екстрадиција пред Високиот суд во Белград, добиени од БИРН и канадскиот јавен сервис CBC, дадоа детален увид во начинот на живот на еден млад човек кој, според истрагата, имал милиони долари во криптовалути на располагање. Во изјава дадена на српските власти, Меѓедовиќ рече дека патувал во Бразил, Обединетите Арапски Емирати, Шпанија и други делови од Европа.
– Ги негирам сите обвиненија наведени во барањето за екстрадиција и не сакам да одам во Холандија – рече тој тогаш, додавајќи дека би сакал да има деца во Србија и „да постигне некои други работи“.
Холандија побара негова екстрадиција поради сомнение дека извршил голема измама од хотелска соба во Хаг, каде што се пријавил користејќи лажен словачки пасош. Според истрагата, тој одеднаш го напуштил хотелот утрото по хакирањето, иако однапред платил за престојот за следниот месец.


