МАСТЕРКЛАС: Виртуоз на шакухачи ќе гостува во Скопје

Јапонската амбасада во Скопје во соработка со Факултетот за музичка уметност (ФМУ) организира гостување на виртуозот за јапонска шакухачи флејта, Јосуке Ирие, кој ќе одржи мастерклас за заинтересираните слушатели на 19 февруари во ФМУ.

Шакухачи е древна флејта од бамбус, која во Јапонија е воведена во употреба во 7 век, а врвот на својата популарност ја постигнува во периодот на Едо (17-18 век). Шакухачи-флејтата се употребувала од монасите на зен-будизмот, кои ја вметнале во медитацијата, а во денешно време се користи и во современата музика во изведбите на познати групи и автори, како „Дјуран Дјуран“, „Дајр стреитс“, Вангелис, Шаде, „Линкин парк“ и многу други.

Бидејќи секое парче бамбус е уникатно, масовното производство на шакухачи е невозможно и занаетчиите минуваат многу време за да го пронајдат парчето со потребната форма и должина. Кога ќе го најдат, бамбусот се чува цела декада во контролирана средина пред да почне да се оформува во флејта, за што е потребно уште една година. Името на инструментот значи 1,8 шаку. Шаку е архаична единица мерка за должина еднаква на 30.3 сантиметри поделена на 10. Хачи значи осум, значи осум десетини од шаку, односно 52,54 см е стандардната должина на шакухачи.

Виртуозот во свирење на шакухачи, Јосуке Ирие, дипломирал музика на Тохо Гакуен, Колеџ за музика и драма во Токио. Поседува „Сихан“ – шакухачи мастер-лиценца од Здружението Тозан-Риу. Досега имал настапи пред првата дама на САД и првата дама на Јапонија, на многубројни универзитети во Јапонија, но и во Франција, Австралија, Обединетото Кралство, Ватикан, Италија, Германија, Белгија, Шпанија, Финска, Нов Зеланд и повеќе од 50 други земји.

Виртуозот Јосуке Ирие со древниот инструмент шакухачи

Со поддршка од Јапонската амбасада стапивме во контакт во Ирие, со намера да ни открие повеќе детали околу неговиот мастерклас и инструментот на кој свири.

Каква чест и привилегија е да се свири на древниот инструмент шакухачи во Јапонија?

– Јас го наследив овој јапонски традиционален инструмент. Се обидувам да ја зачувам културата и традицијата на старите инструменти и чувствувам дека заради тоа сум ценет.

Колку време е потребно да се научат тајните на свирењето со инструментот?

– Шакухачи е еден од многуте јапонски традициoнални инструменти на кои е тешко да се произведат звуци. На некои луѓе им се потребни неколку месеци за да постигнат стабилен звук. Мислам дека за околу половина година, дури и на оние што им е тешко да свират на шакухачи, со вежбање ќе успеат да отсвират нешто едноставно.

Колку е стар инструментот на кој свирите?

– Оваа шакухачи флејта ја наследив од дедо ми, стара е околу 70 години и на неа сè уште може да се свири. Онаа што ја користам најчесто е од моите студентски денови и ја користам последниве 10 години.

Композициите што ги изведувате се, исто така, од стари мајстори или има и современи композиции и можност за импровизација?

– Изведувам традиционална музика, како и современа. Исто така и импровизирам. Комбинирам различни жанрови, особено со европски класични инструменти. Сметам дека гитарата и пијаното одлично се надополнуваат со шакухачи, но имам соработувано и со оркестар.

Каква програма ќе биде претставена на мастеркласот во Скопје?

– Ова ќе биде настан на кој секој е добредојден. Ќе отсвирам едноставна оригинална музика, но исто така и класична. Ќе се обидам на настанот сите да уживаат.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 18, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 февруари 2020 година)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот