Руски напад со дронови врз Украина фото ЕПА

Масовен руски напад со дронови врз Украина додека преговорите тапкаат во место

Русија во изминатото деноноќие започна масовен напад со беспилотни летала врз Украина, при што загинаа најмалку пет лица и беше уништен поштенски терминал, соопштија украинските власти.

Нападите започнаа вчера, еден ден откако Кремљ го отфрли украинскиот предлог за привремено прекин на огнот за Велигден. И додека дипломатските напори за завршување на војната, која сега е во петтата година, се во застој, делумно поради префрлањето на фокусот на САД кон војната во Иран, засега нема нови најави за заживување на дипломатијата, објави „Еуроњуз“.

Јалови обиди за оживување на мировниот процес

Во меѓувреме украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека имал „позитивни“ разговори со американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер за оживување на мировниот процес. Според Зеленски, двете страни се согласиле да „ги зајакнат безбедносните гаранции“.

„Украина прави сè што е во нејзина моќ за да ги поддржи мировните напори“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање. Тој додаде дека во разговорите учествувале и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и американскиот сенатор Линдзи Греам.

Напади низ целата земја

Коментарите на Зеленски дојдоа откако руските беспилотни летала удрија на локации во Западна Украина во близина на полската граница рано утрото во среда, погодувајќи индустриски објект во градот Луцк, околу 400 километри западно од Киев.

Украинската поштенска компанија „Нова пошта“ објави фотографија од магацин во Луцк зафатен од пламен, додека во небото се издигаше густ чад. Градоначалникот Ихор Полишчук рече дека во нападот се оштетени центарот за сортирање пошта и центарот за дистрибуција на храна, а остатоците од соборениот дрон, исто така, запалиле дел од станбена зграда.

Според податоците на украинските воздухопловни сили, Русија лансирала 339 беспилотни летала во Украина преку ноќ, а повеќе од 360 во текот на изминатиот ден.

Како што пренесува Евроњузн, по напад со руски беспилотни летала во централниот Черкаски регион загинале четири лица.

Ситуација на фронтовските линии

Во меѓувреме, Русија, исто така, го засили притисокот на фронтовските линии. Москва вчера објави дека освоила две села во Источна Украина и целосно го окупирала регионот Луганск, но овие тврдења не можат да бидат независно потврдени.

Зеленски ја опиша ситуацијата на фронтовските линии како „прилично напната“ во претходна објава на социјалните мрежи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот