Машините за перење во градинката во Ѓорче ниту се набавени ниту монтирани, ВМРО-ДПМНЕ убедува дека е скандал

ВМРО ДПМНЕ обвинува дека раководството во Ѓорче Петров прави набавка по екстремно висока нереална цена, 25.500 евра за две машини за перење. Набавката е распишана од градинката Росица водена од кадар на градоначалникот од СДСМ, Александар Наумоски, вели портпаролoт, Наум Стоилковски.

– Намерата е јасна- распишан е тендер, траел 15 дена, пристигнале две понуди од кои едната нецелосна, прифатена е понудата и потпишан е договор. Тендерот и договорот за машини за перење од 25.500 евра открива можност за добро разработена мрежа. Станува збор за добитник на тендер, фирма од Ѓорче Петров редовен добитник на тендери во општината на Александар Наумоски. ДОН ХОЛДИНГ Дооел Скопје, друштво со ограничена одговорност на ЕДНО лице, по големина мал субјект, со дејност товарен патен сообраќај! Само во април и мај има 4 тендери со Општина Ѓорче Петров и со градинката Росица. Тендери во вредност од 185.000 евра. Почитувани, ЈО зад мене мора да почне да работи за она за што постои. Индициите се Злоупотреба на службена положба и овластување се прави со постапување, но уште повеќе со непостапување, особено кога станува збор за корупција на високо ниво, корупција во локалната самоуправа. Паничната реакција од Општината водена од Александар Наумоски, во којашто тој се оградува од набавката и објавува дека таа нема да се реализира, односно најавува поништување на договорот- се доволен индикатор за сомнеж за ова ЈО зад мене да преземе мерки! Уште повеќе што преку општинскиот портал Александар Наумоски обзнанува дека градинката немала пари, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

На ваквите обвинувања денеска реагираше и градоначалникот Александар Наумоски.

– Очигледно е дека во немоќ на информации, во немоќ на проекти реагираат така. Сакаат генерално да ни го срушат рејтингот во Ѓорче Петров со такви вести. Јас ќе се повикам на соопштението на градинката, каде што градинката е самостојна во делот на набавките, а инаку за ваше потсетување 90 проценти од раководството на ВМРО-ДПМНЕ беа министри, премиери од Ѓорче Петров, а не оставија камен на камен, така што очигледно е дека им смета работата и развојот на Ѓорче Петров, рече Наумовски.

Во реакцијата на општина Ѓорче Петров, меѓудругото се вели:

„Секоја набавка која е над 60.000 денари мора да се изведе преку јавна набавка (тендер) и затоа градинката Росица не може да купи машини за перење на слободниот пазар кои секако би чинеле помалку. Ако ВМРО-ДПМНЕ ги гледале цените на производителот, треба да се едуцирани и треба да знаат дека фабричката цена секако е пониска но подлежи на увозни царини и не е иста. Градинката Росица постапката за спроведување јавни набавки ја врши самостојно и Општината Ѓорче Петров нема никаква улога во тоа. Парите за машините се планирани од самофинансирачката сметка, но во моментот градинката Росица  нема доволно средства, со што машините ниту се набавени ниту монтирани. Последната машина за перење е набавена пред  цели 40 години, а во моментов не работи ниту една од нив. Одржувањето на хигиената, односно перењето на постелнината се врши со алтернативни решенија. Набавените две индустриски машини за перење алишта ќе ги опслужуваат сите 5 објекти од градинката Росица. Се работи за професионални машини за перење кои треба да опслужат над 1.000 деца, се вели во реакцијата на Општината.

Директорката на „Росица“, Маја Ристовска го повикува Јавното обвинителство да ја провери работата на градинката, и нагласува дека нема од што да се плашат бидејќи работат според Закон.

– Jавното обвинителство нека дојде да провери, ние сме чисти. Што се однесува до обвинувањата дека ќе го раскинеме договорот бидејќи сме се исплашиле, тоа не е точно. Никогаш не сме рекле дека ќе го раскинеме договорот. Првично не беше кажано дека веднаш ќе набавиме машини за перење, туку кога ќе имаме средства, рече Маја Ристовска, директорка на градинката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот