Марјан од „ДоказМ.мк“ обвинет за уцена и други кривични дела: Дома чувал многу пари во кеш, клеветел свештеници, бил во дослух со истражителка од ОЈО

Марјан Доказ - обвинителство/ Фото Слободен печат

Марјан Стаменковски, сопственик на веб порталот Доказ, се товари за четири кривични дела, меѓу кои и уцена. Сите кривични дела ги пријавувале повеќе луѓе во текот на повеќе од една година, и сите се однесувале за текстови објавени на порталот. Вчеравечер во домот на Стаменковски, при извршениот претрес, одземен е компјутер и телефони кои ќе се вештачат, зашто сомнението е дека преку нив ги вршел кривичните дела.

При претресот пронајдени се поголема сума на парични средства за кои постои сомнеж дека потекнуваат од други кривични дела. Еден од пријавителите во Обвинителството посочил дека Стаменковски го викал на средба преку социјалните мрежи, со закана дека ќе објави приватни фотографии и информации за него, а откако човекот не се согласил да дојде на средбата, навистина на порталот Доказ, се реализирала уцената односно објавени биле лични фотографии од пријавителот и факти штетни по неговите чест и углед.

Во мај 2022 година, свештеници од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, пријавиле до Обвинителството дека Стаменковски преку неговиот портал изнел директни тврдења дека споменатите свештеници биле поврзани со домашни и странски тајни служби, со цел да се предизвика револт и омраза кон нив. Освен навредливи зборови, пцовки и клевети, во текстовите се упатуваат и заканувачки зборови со кои се поттикнува народот да дојде да ги избрка свештениците од манастирот во кој служат. Текстовите осомничениот ги споделувал и на својот профил на една социјална мрежа каде поттикнал жестоки полемики, навредувачки коментари и говор на омраза поради верски убедувања.

Стаменковски во периодот додека во обвинителството се водеше постапка против него, искористил лично познанство со лице ангажирано како истражител во Основното јавно обвинителство Скопје, па преку вибер комуникација се обидел од неа неовластено да дознае информации за преземени истражни дејствија во повеќе кривично-правни предмети, вклучувајќи го и предметот против него. Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, кои поднесоа кривична пријава за злоупотреба на лични податоци. Истражителката која споделувала податоци со осомничениот веќе не е ангажирана во Истражниот центар на ОЈО Скопје и за неа ќе биде иницирана постапка пред Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи.

Меѓу пријавителите до Јавното обвинителство против Марјан Стаменковски и неговите содржини на Доказ се и две новинарки, кои пријавиле дека од почетокот на 2022 година се објавуваат навредливи текстови со нивни фотографии, а чија крајна цел е тие да се заплашат и да се спречат да објавуваат текстови во неделникот во кој работат. Во текот на постапката, жртвите дадоа свои искази пред надлежниот јавен обвинител во кои ги поткрепија своите сомненија дека позадината на објавите на веб порталот е да им се изврши притисок и цензура. Со осуда на таквите објави на веб порталот во наведениот период излегоа и ОБСЕ и Здружението на новинари. Дополнително, во телефонски разговор со сопругот на една од новинарките осомничениот упатил и директни закани кон неа и нејзиното семејство. Со обезбедените докази во текот на постапката беше потврдено основаното сомнение за кривичното дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

Дополнително и една телевизија во февруари 2022 година доставила кривична пријава до ОЈО Скопје за дејствија и проверки, врз основа на кои Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика обезбеди доказен материјал дека осомничениот сторил кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело. Од почетокот на февруари 2022 година, без одобрение на овластениот дистрибутер на кој филмскиот продуцент му го пренел своето право на аудиовизуелно дело, осомничениот на веб порталот го ставил на располагање на јавноста заштитеното аудиовизуелно дело. Со тоа предизвикал штета за оштетеното правно лице – телевизија, кое согласно Договор за лиценцирање на телевизиска програма имало ексклузивни авторски права да ја емитува содржината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот