Манчевски со номинација за најдобар режисер, „Врба“ – за најдобар филм на фестивалот Рејнденс во Лондон

Филмот на Милчо Манчевски „Врба“ доби номинација за најдобар меѓународен филм, а Манчевски е номиниран за најдобар режисер на претстојниот фестивал Рејнденс во Лондон, најголемиот фестивал на независен филм во Велика Британија и еден од најголемите во светот.

Престижните награди ќе бидат доделени во осум категории. Во секоја категорија пак, ќе бидат номинирани по три филма. Последното филмско остварување на Манчевски доби номинации во две катергории.

Жирито на Фестивалот, кој ќе се одржи од 28 октомври до 7 ноември, е предводено од оскаровецот Џереми Ајронс. На Фестивалот ќе се случи и британската премиера на „Врба“.

Фестивалот Рејденс оваа година ќе се одржи во затворена форма и онлајн, а премиерно ќе бидат прикажани 50 филмови.

По светската премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше поздравен со шестминутни овации, и по македонската премиера и киноприкажување од два и пол месеци кога ги сруши рекордите на гледаност, „Врба“ беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, и Синеквест во Калифорнија.

„Врба“ ја освои и наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.

Во Македонија филмот беше прикажан на Македонската Радио-Телевизија, како и на два домашни фестивали, „Златна рамка“ и „Фестивал на современи ирански и македонски филмови“.

„Врба“ беше поканет и на низа други фестивали, меѓу кои и Хамбург, Софија и Шангај, но поради светската пандемија тие беа откажани или одложени, па проекциите во Истанбул и Пекинг се всушност враќање на филмот во фестивалски живот.

Во главните улоги настапуваат Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Никола Ристески, Ненад Нацев, Петар Мирчевски и Ратка Радмановиќ. Филмот е македонско-унгарско-белгиско-албанска копродукција и беше поддржан од Агенцијата за филм како филм од посебен интерес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот