Мамографските снимки ќе ги читаат двајца радиолози

Министерство за Здравство/ Фото Архива на Слободен печат

Првпат од функционирањето на мамографски скрининг, Министерството за здравство воведува новина за двојно читање на мамографските слики, со што мамографските снимки за рано откривање рак на дојка ќе бидат независно анализирани од двајца радиолози.

Здравство информира дека овој начин на работење е воведен во шест центри во земјата, односно во трите мамографски центри во Скопје – ГОБ „8 ми Септември”, Институт за радиологија и Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски” (стара градска), како и во болниците во Тетово, Прилеп и Охрид за што е направена надградба на националниот електронски систем МојТермин. Оваа новина, додаваат, е воведена за максимално да се зголеми бројот на лица заболени во рана фаза од болеста.

Истовремено, Националната комисија за спроведување на скринингот на рак на дојка повеќе од една година работи согласно европските насоки за обезбедување квалитет во насока на потребна апаратура, начин на снимање и читање на сликите, како и зајакнување на човечките ресурси.

-Радиолозите што ќе прават двојно читање ќе треба да имаат искуство на читање мамографски слики од минимум 800 пациентки. Со новата софтверска програма ќе се следи техничкиот квалитет на сликите, квалитетот на мониторите на кои што се прикажуваат и радијациските дози што ги добиваат пациентите. Токму месец октомври е месец за превенција од рак на дојка, за таа цел потсетуваме да направите самопреглед на дојка, да закажете ЕХО на дојка преку вашиот матичен лекар, а доколку сте на возраст од 50 до 69 години јавете се на бесплатниот телефон 0800 15 444 и закажете мамографски преглед, соопштува Министерството за здравство.

За пријавените жени од оваа возрасна група, кои ќе бидат опфатени со скринингот, мамографскиот преглед ќе биде бесплатен, а средствата се обезбедени преку Програмата за рана детекција на малигни заболувања при Министерството за здравство.

Со ова, Македонија ќе биде единствена држава во регионот која има вакви процедури за контрола на квалитетот, како што има во Велика Британија, Холандија, Белгија, Шведска, Словенија, кои се лидери по успешност на мамографскиот скрининг, велат од Министерството.

Апелираат сите жени на возраст од 50 до 69 години, кои ќе бидат поканети на скринингот да се јават на закажаниот преглед, бидејќи раната дијагностика е клучна и спасува животи. Ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жената, но доколку се открие во рана фаза значително се намалува процентот на смртност

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот