Верица Донев Божиновски -Фото Слободен печат - Методи Здравев
Верица Донев Божиновски -Фото Слободен печат - Методи Здравев

МАМАВИЗИЈА | Верица Донев: Му реков на докторот дека не сакам да се разбудам од операцијата ако не можам да имам деца

На 24-годишна возраст се реализирала како мајка на слаткиот Карло, и среќна е затоа што е млада мајка, бидејќи животната водилка за неа отсекогаш било тоа да може да роди дете. Една од најубавите Македонки, шармантната ТВ водителка Верица Донев Божиновски, за првпат во „Мамавизија“ јавно проговори за тешкотиите со кои се соочила на само 20 години, кога поради гинеколошки компликации стравувала дали воопшто ќе може да забремени, што за неа бил најголемиот страв.

-Тоа се случуваше во време на короната. Чувствував болки и надуеност во стомакот, нешто нелагодно што траеше. Мајка ми се шегуваше со мене да не сум трудна, но тогаш не беше тоа реално бидејќи немав партнер. Кога одлучивме да појдеме на лекар, прво на државно, ми кажаа дека не е ништо сериозно, забележаа некаква цистична формација и ми закажаа рутинска операција. Но, по операцијата болките продолжија и принудена бев да одам на приватна клиника, таму ми открија дека ми оставиле мртов јајник, што е сериозен проблем за една жена – вели таа.

Оттогаш, како што вели, почнала да стравува дали ќе може да стане мајка.

-Се сеќавам, во канцеларијата беа докторот и мајка ми, кога докторот ми го кажа тоа – „Дете што ти направиле?“. Јас тогаш му возвратив: „Најбитно ми е да можам да бидам мајка во животот. Тој ми вели: „Не, Верица, најважно е да си жива и здрава“. Јас реков: „Не! Ако нешто тргне како што не треба, јас не сакам да се разбудам“. Искрено, не знам зошто во моментот ми дошло така да кажам, но најверојатно сфатив колку всушност тоа ми значи мене. И мајка ми, нормално, секогаш, колку е позитивна, ме тешеше како слушнала многу жени дека и со еден јајник останувале бремени и дека има и пострашни ситуации – раскажува нашата хероина Донев Божиновски.

По интервенцијата добила лекарски совет дека најдобро е што е можно побрзо да забремени.

-Јас тогаш немав партнер, а и не се наоѓа така лесно животен сопатник. Покрај себе сакав некој добар, со кој ќе имаме убав, хармоничен брак, бајковит, весел, можеби затоа што тоа го немав претходно дома – објаснува таа.

Со нејзиниот сопруг Гордан Божиновски се запознале во работна атмосфера на снимање на спот во Египет, каде што Верица се појавува како модел. Веднаш „кликнале“, како што вели, а со него уште од почетокот ги направила најдлабоките разговори.

-Бевме во врска само две недели кога на едно работно патување колата ни заглави на Стража. Нè качија на шлеп-служба и јас тогаш ни две ни три, така седнати горе му се свртив и не знам од кај ми дојде и директно го прашав: „Сакаш деца?“ Можеби го исплашив тогаш, не знам – вели таа.

Верица Донев Божиновски -Фото Слободен печат - Методи Здравев
Верица Донев Божиновски -Фото Слободен печат – Методи Здравев

 

Во 2024 година во март, Верица и Гордан станале родители на синче. Но овде не завршува бајката, бидејќи дента кога дошол таткото во болница, си заминале со празни раце.

-Карло се роди многу мало бебе, 1780 грама. Поради тоа мораше да остане десет дена на интензивна нега. Тие десет дена за мене беа пекол во секоја смисла на зборот, плачев и само ги прелистував тие неколку слики што успеав да му ги направам на Карло, психички многу паднав, а дополнително имав големи проблеми со притисокот, морав да мерам на секој половина час, не знаев дека притисокот може да направи толку проблеми. Затоа еден совет од мене до сите мајки, мерете притисок! Тој период се чувствував неспособна и се плашев каква мајка ќе бидам – рече таа.

Верица Донев Божиновски -Фото Слободен печат - Методи Здравев
Верица Донев Божиновски -Фото Слободен печат – Методи Здравев

Погледнете ја новата епизода на „Мамавизија“ вечерва со почеток во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Автор и водител на проектот е Александра Вуксановиќ.

МАМАВИЗИЈА | Стефи ја родив на 20 години, како балерина не сакав промени на телото

 

МАМАВИЗИЈА | Лупевска: Докторот ми забрани Талат Џафери да ми биде гостин во емисија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот