МАМАВИЗИЈА | Силвана Мучиќ Плевнеш: Се породив за пет минути
Љубовната приказна на музичкиот пар „Силви бенд“, Силвана Мучиќ Плевнеш и Влатко Плевнеш, ѝ е позната за пошироката јавност, но за мајчинството Силви не раскажувала премногу. Срдечно ја прифати поканата за „Мамавизија“ каде што ни откри детали кога забременила, каква бременост имала, каде се породила, дали сакала момче или девојче, како и за тоа дека веќе во 90-те години на минатиот век кај неа се појавила желбата да стане мајка.
Препорачано
-Паметам на мои 26-27 години, кога е и почетокот на нашата кариера и соработката со Димитар Масевски, тогаш имавме многу настапи, концерти, фестивали… Масевски прави планови како да изгледам јас на сцена, а јас им велев „оставете ме, јас сакам да бидам мајка“ – вели Мучиќ Плевнеш.
Забременувањето се случило спонтано, впрочем, таа и не знаела дека е бремена.
-Кумовите ни беа на гости во Охрид. Бевме на плажа, а мене ми доцнеше циклусот и некако не сакав да влегувам во вода. Кумата тогаш ми списка да купиме тест за бременост и ете излезе позитивен, па се честевме со пастрмка – раскажува Силви како дознала за тоа дека е бремена.
Деветте месеци во блажена состојба за неа биле убав и лесен период од животот, сè до породувањето не престанала неуморно да работи и тоа низ цела Македонија, но и надвор.
-Јас се породив во Германија, бевме таму на турнеја, среќа имам и роднини, брат ми е таму со снаа ми, имам и тетка. Пеев до последeн момент. Денот кога дојде породувањето беше многу забавен. Тетка ми беше уверена дека имам лажни болки, но стануваше веќе неиздржливо, па мораше да ме носат во болница. Таман да ме стават на бокс, ја слушнав сестрата како кажа на германски: „Дојде бебето“. А најсмешно беше кога Влатко ми рече: Сики излезе нешто црно како пастрмка и пак се врати. Јас помислив „леле, охриѓанецот ми направил пастрмка“ – низ смеа се присетува Силви.
Со бебе на настапи
Животот со бебе не ѝ се променил премногу. Ќерката Деаделина, немала ни еден месец, а таа веќе почнала да пее.
-Секаде ја носев со мене. Деа е израсната на сцена, по емисии, на настапи, концерти, фестивали, опкружена со колегите кои ми помагаа, Тања Кочовска, Олгица Христовска … сите ја чуваа додека јас бев на бина – вели таа.
Денес, Деаделина е мајка, а Силви е горда на тоа како таа ја воспитала и во каква мајка прераснала нејзината ќерка.
-Бестрашноста ја наследила од мене, многу сум горда како ја воспитува Малика – рече таа.

Емисијата „Мамавизија“ премиерно ќе ја гледате вечерва со почеток во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат‘.
Водител и автор на емисјиата е Александра Вуксановиќ.
МАМАВИЗИЈА | Елена Бубало: Имам млада мајка, таа ме мотивираше и јас да родам рано
МАМАВИЗИЈА | На сон ми дојде дека син ми ќе се вика Џулиан, вели фотографката Стефани Христов


