МАМАВИЗИЈА | Николовска: Прво станав маќеа, па мајка – мојот посинок посака братче!
Вечерва излегува новата епизода на емисијата „Мамавизија“. Нашата хероина овој пат е мајката Зорица Николовска, позната од радиоемисијата „Тик Так и Зорка“, авторка на „Дневникот на трудници“ и поткастот „Труднички муабети“.
Препорачано
Николовска го запознала својот сопруг како разведен, татко на мало дете. Не ѝ пречела таквата релација, па љубовната врска по кратко време прераснала во брак.
Таа за првпат во јавноста открива дека имала полицистични јајници, вест што ѝ ги урнала сите надежи за мајчинство.
– Гинеколог ми кажа дека имам полицистични јајници, тоа е состојба која го отежнува природното зачнување кај жената. Се помирив со фактот дека можеби никогаш нема да станам мајка, но бев среќна што го имам мојот посинок, Иван, во животот – раскажува Николовска за „Мамавизија“.
По извесно време, Иван посакал братче, па и покрај тоа што за Николовска и нејзиниот сопруг тоа било невозможна мисија, му ја исполнила желбата. Таа денеска е биолошка мајка на Мартин и Јана.
За тоа дека маќеата не е секогаш лоша, како што е прикажана во многу приказни, ни покажува оваа вистинска животна приказна на семејството Николовски.
Гледајте ја премиерно новата „Мамавизија“ вечерва во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор на емисијата е Александра Вуксановиќ.


