МАМАВИЗИЈА | Голејшка Џикова: Никој не кажува колку е тешко по породувањето да си ги гледаш промените на телото
Нашата денешна гостинка е мајката Ана Голејшка Џикова, авангардна, позната писателка, жена која преку своето творештво сака да допре до значајни прашања за општеството како еден идеален познавач на детскиот свет со долгогодишно искуство преку работилници со деца, но и одличен пишувач на сликовници.
Препорачано
Таа е мајка на малата и слатка Надја, за која вели дека знаела дека ја носи во стомакот уште од првиот момент.
-Јас знам точно кога е зачната Надја, тоа беше на премиерата на филмот „Исцелител“. Тој период имав многу работа, подготвуваме некој настан и не ни забележав дека циклусот ми доцни цели три недели, не се сетив на тоа. Но, откако помина густото, на сопругот му реков дека време е да направиме тест, и тестот беше позитивен, „имаме бебе“ – се присетува Голејшка Џикова.
Во „Мамавизија“ таа ни раскажува како ѝ поминала бременоста, а со посебни емоции ни го долови денот кога се породила.
-Јас се породив во Чаир и се сеќавам дека сè ми мирисаше на симитчиња, така и денеска мирисот на симит-погача ме потсетува на бебиња – вели, со смеа во гласот, нашата соговорничка.

Покрај ретроспективата што ја направивме со неа за нејзиното мајчинство, Голејшка Џикова, отвора важна тема за сите мајки во Македонија.
Ние како жени треба да се поддржуваме, надополнуваме и да си помагаме. Многу е важно во ова општество повеќе да се нагласат клучните проблеми со кои се соочува една мајка, како на пример, едно најобично движење од точка А до точка Б, колку понекогаш може да биде мисловна именка поради лошата инфраструктура. Овде мислам и на соочување со логистички проблеми кои се редовна мака за мајките, системските сопки итн. Овие прашања треба отворено да се зборуваат и да се разглобуваат – вели нашата соговорничка, која е желна да се поправат недостатоците за подобар живот на една мајка.

Погледнете претпразнично една убава и опуштена епизода на „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Водител и автор на „Мамавизија“ е Александра Вуксановиќ.


