МАМАВИЗИЈА | Амела Мемиш Апостоловска: Леон прозборе кога се вративме од Острог
Животот на една мајка на две деца со различна попреченост, ќерка со физичка попреченост и син со аутизам, е новата вистинска приказна којашто ни доаѓа од Скопје, а ќе ја раскажеме во „Мамавизија“.
Препорачано
Таа секогаш го наоѓала и сè уште го наоѓа излезот, светлината на крајот на тунелот и затоа денес е една од најинспиративните за слушање, гледање, со смирувачки тон и топла енергија дава мотив и надеж кај оние што се соочуваат со некаков животен предизвик, дека сè е можно да се постигне ако силно се сака и ако се вложува многу труд.
Амела Мемиш Апостоловска е нашата хероина со вонсериска моќ. Таа во емисијата раскажува за нејзината прва бременост на 18 години, кога го изгубила бебето.
Отворено зборува и за нејзината втора бременост кога ја добила ќерката за која поради страв, бидејќи се родила со деформитет на стапалото, долго не се сетиле да ѝ дадат име.
– Станува збор за clubfood (клубфуд) деформитет, тоа е стапало коешто е свртено скроз навнатре. Генетски е, затоа што јас имам од страна на татко ми братучед кој имал деформитет на двете стапала. Па, преку трето колено како дошло кај мене, не знам, јас сум го пренела тој ген на Андреа. Потоа таа доби и субкутен емфизем од парапартусис вакцина ѝ пукнаа белите дробови, беше во кома 14 дена на тригодишна возраст. Тогаш само си велев „едно дете изгубив, сега уште едно да изгубам“, беше болка – вели со солзи во очите Мемиш Апостоловска.
Нашата соговорничка со таква леснотија, без ни малку да ѝ се почувствува кнедлата во гласот, го споделува сопственото соочување на мајка на дете со аутизам, веќе 12 години, сè со цел да биде ветер во грб на секого.
-Со другарка ми ги шетавме бебињата во парк со колички. Тогаш забележав дека нејзиното бебе реагира на звуци, се врти, а Леон не. Почнав одвнатре да чувствувам дека нешто не е во ред. Моите дома не ми веруваа, но јас силно си верував на интуицијата. Го однесов Леон на лекар и му дијагностицираа аутизам. Докторот ми рече да почнам веднаш да работам со него – се присетува на овој тежок момент нашата соговорничка.
Леон до четвртата година имал тешкотии во развојот и покрај големиот труд на родителите.
-До четири и пол години тој едвај зборуваше, со кратки зборови, уште беше на памперс, не знаеше да јаде сам, не знаеше која му е мајка, кој му е татко, немаше ориентација во простор, ништо од тоа. Се трудевме колку што можеме да постигнеме, но одеше споро, сè до моментот кога јас и сопругот отидовме во манастирот „Свети Василиј Острошки“. Изодевме боси, пешки, од долните конаци до горниот конак. Му читаа молитва и кога се вративме истиот ден тој прозборе – раскажува со радост Мемиш Апостоловска.
Ни го открива и моментот како кога била бремена со синот во осмиот месец, ја удрила струја, како и стравот како ќе го роди бебето, по тешкото породување со ќерката.

Гледајте „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.


