„Мама и тато беа јадрена поврзаност“ — Ана Костадиновска со емотивна приказна за татко ѝ, легендарниот Кире Костов
Познатата пејачка и професорка по пеење Ана Костадиновска, сподели емотивна приказна за својот татко, големиот композитор и диригент Кире Костов.
Препорачано
Костадиновска кусо напиша: „Маестро, тато“ и пренесе архива споделена од страницата „ВБУ Музичка архива“, која нè враќа низ децениите на неговите почетоци и исклучителни успеси.
Во архивскиот текст кој сведочи за раѓањето на една голема музичка легенда стои вака:
„Композиторот Кире Костов првите музички чекори ги прави во Битола, каде е и роден на 14 септември 1949 година. Завршил Средно музичко училиште во Битола, а студирал на музичките академии во Белград и Скопје. Досега има напишано околу 40 вокални, 9 инструментални композиции и повеќе од стотина аранжмани. Има снимено 4 грамофонски плочи, а учествувал осум пати на Скопскиот, двапати на Загребскиот и двапати на Опатискиот фестивал на забавна музика. Добитник е на многу награди и признанија меѓу кои: прва награда на Друштвото на композиторите на Југославија, втора награда на стручното жири на „Скопје 78“. Денеска работи како трубач во Танцовиот оркестар на Радио Скопје“, стои во текстот кој е објавен многу одамна во весник.
Во ноември минатата година се одржа концерто во чест на легендарниот музичар, композтор, диригент и музички педагог Кире Костов насловен „Летај галебе“, во Националната опера и балет.
Сопругата Кармен и едната ќерка Нина беа во публиката, другата ќерка Ана на сцената, а најпознатите пејачи со голем оркестар ги пееја неговите хитови.
На сцената настапија пејачи кои ги избра неговата сопруга Кармен Костова, љубовта на Кире од средношколските денови во Битола.
Кармен Костова со насолзени очи доби силен аплауз од публиката пред која се поклони на крајот од настанот. Кире Костов кој напишал околи 700 композиции, почина во Скопје на 27 јули во 2023 година.
„Кога треба да зборувам за љубовта на мојот живот е многу лесно и многу тешко. Со мојот Кире, животниот пат беше музика, возбудлива, радосна, а некогаш и тажна“, напиша Кармен Костова во монографијата за нејзиниот сопруг, чиј издавач е таа.
Книгата која се промовираше лани во октомври ја напишаа музикологот Марко Коловски и професорката по пијано и музичка публицистика Снежана Чадиковска-Анастасова.„Во нашиот дом постојано ечеше песна. Татко ми на клавир – на гитара, мајка ми на клавир. Сите пеевме, а неретко во нашиот дом гостуваа пејачи, тогашни популарни југословенски ѕвезди. Со неговата Мела, мојата мама се љубеа толку искрено, детски и длабоко, што за мене беа сведоштво на љубов, заемна посветеност и јадрена поврзаност“, напиша Ана Костадиновска во монографијата за својот татко.


