Малку беше една, од утре ќе има две кампањи

Фер кодекс за парламентарни избори/Фото: „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Според изборните штабови, кампањата за парламентарните избори нема многу да се разликува од таа за претседателските – поголемите партии ќе продолжат со средби со граѓаните, централни митинзи во градовите и со билборди.

Претседателската кампања е пред финале за првиот изборен круг, со вжештена реторика, а ќе се совпадне со таа за парламентарните избори што ќе ја имаат речиси сите партии што понудија и претседателски кандидати. Од утре, едновремено со претседателските кандидати, ќе почне претставувањето и на кандидатите за новиот парламентарен состав.
Единствено СДСМ и коалицијата ќе ја одвои парламентарната од кампања на кандидатот за шеф на државата Стево Пендаровски. Кампањата за парламентарните избори, според изборните штабови, нема многу да се разликува од претседателската, со тоа што партиите акцент ќе стават на промоција на кандидатите за пратеници и на програмата што ја нудат за новата влада.

Според анкетите, главната битка за новиот состав на Парламентот и на „Илинденска“ ќе биде помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и помеѓу Европскиот фронт и Коалицијата Вреди. Пратенички мандати се очекува да добијат и Левица и партијата на Максим Димитриевски ЗНАМ.

ВМРО-ДПМНЕ традиционално парламентарната кампања ќе ја почне со митинг од Охрид, каде што освен претставување на „Платформата 1.198“ и на носителот на листата на „петката“, Ѓорѓија Сајкоски, и кандидатите за пратеници, обраќање ќе има и лидерот Христијан Мицкоски и кандидатката за претседателка Гордана Силјановска Давкова. „Промените во твои раце“ е слоганот под кој на граѓаните ќе им се претстават кандидатите за пратеници од опозициската партија.

СДСМ ќе има два изборни каравана

Од СДСМ велат дека ќе има два изборни карвани, односно дека Пендаровски ќе продолжи со своето претставување, додека парламентарната кампања на СДСМ и коалицијата ќе почне утре напладне, во Музејот на современа уметност, а првите митинзи ќе бидат утревечерва во Демир Капија и во Гевгелија. Пендаровски ќе биде во Виница и во Кочани. Кампањите се одвоени, бидејќи Пендаровски е граѓански кандидат. В недела, во Скопје, ќе има завршен митинг Пендаровски, на кој ќе биде и лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски како носител на Првата изборна единица.

Европскиот фронт, предводен од ДУИ, кампањата утре ја почнува со претставување на кандидатите за пратеници и програмата во хотелот „Александар палас“ во 11 часот. Оттаму не добивме информација дали парламентарната кампања ќе биде одвоена од таа на претседателскиот кандидат Бујар Османи. Од ДУИ само најавија дека завршниот митинг на Османи ќе биде на плоштадот „Македонија“, во Скопје.

Коалицијата „Вреди“ ќе ги претставува носителите на листите, заедно со претседателскиот кандидат Арбен Таравари. Совпаѓање на кампањите ќе има и кај Левица, ЗНАМ и ГРОМ, односно на собирите, освен претседателските кандидати Билјана Ванковска, Максим Димитриевски и Стевчо Јакимовски, ќе бидат претставени и кандидатите за пратеници.

Според изборните штабови, кампањата за парламентарните избори нема многу да се разликува од таа за претседателските, односно поголемите партии ќе продолжат со средби со граѓаните, со собири, централни митинзи во градовите и со претставување на носителите на листите на билборди. Помалите партии ќе тераат кампања со собири, директни средби со граѓаните и со по некој помал митинг. И тие, како и партиите од „големата четворка“, ќе имаат билборди, барем со лидерите што се носители на листите.

Даштевски: Кодексот е потврда за демократскиот развој

Ден пред почетокот на кампањата за парламентарните избори не сите партии учеснички на изборите го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори. И додека за претседателските избори само лидерот на ГРОМ и претседателски кандидат Стевчо Јакимовски одби да стави параф на Кодексот, за парламентарните избори речиси сите помали партии не ставија потпис на Кодексот во знак на револт дека големите партии и коалиции добиваат многу пари за изборно рекламирање, а ним им се оставени трошки.
Претседателот на Државната изборната комисија (ДИК) Александар Даштевски рече дека овој чин претставува израз на волја да се зачува интегритетот на демократскиот процес.

– Кодексот е потврда за демократскиот развој за нашето општество дека сите заедно се обврзуваме на принципите на демократијата. Преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците испраќаат порака за фер и почитување на сите правила, закони и прописи, како и почитување на владеењето на правото и правната држава при организирање на изборите – рече Даштевски и додаде дека партиите се обврзуваат дека ќе го почитуваат етичкиот кодекс и нема да користат говор на омраза во предизборната кампања.

Од 17 партии и коалиции кои ќе учествуваат на единаесеттите парламентарни избори, четири не го потпишаа Кодексот, а претставникот на Работничка партија рече дека не ни седнал на масата, бидејќи не се исполнети условите за фер избори. Кодексот не го потпишаа Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Јорго Огненовски од Демократија, како и претставниците на Десна и на Работничката партија. Сите претставници на помалите партии укажаа дека треба да се смени Изборниот законик, бидејќи ги фаворизира големите партии кај кои се слеваат речиси сите пари за изборно рекламирање. Претседателот на ЗНАМ и претседателски кандидат Максим Димитриевски рече дека потпишал само форма, а не суштина.

– Големите партии од државни пари ќе добијат девет милиони евра, а малите 8.000 евра. Гледаме дека голем број кандидати се вклучени за поддршка на претседателските кандидати, единствено граѓаните може да го подигнат нивото на демократијата – рече Димитриевски.

Јорго Огненовски од Демократијата рече дека не го потпишал Кодексот, бидејќи изборите нема да бидат регуларни и фер.

– Напротив, ќе бидат криминални бидејќи е криминален Изборниот законик зашто партиите кои немаат пратеници се маргинализирани и им се врши огромна неправда. Големите партии земаат милиони, а ние трошки. Тие не се поголеми партии, туку злосторнички здруженија бидејќи парите ги крадат од сите нас – рече Огненовски.

Јакимовски рече дека не го потпишал Кодексот поради начинот на финансирање на парламентарните избори.

– Идејата за државно финансирање изборен процес е да се поттикне јавување нови партии, а не да се финансираат главната партија на власт и главната опозициска. И што е најважно, се забранува секакво друго финансирање. Второ, тоа што носители на листи учествуваат во претседателската кампања, праќаат лоша порака дека не се почитува Изборниот законик и дека кога ќе дојдат на власт ќе важи беззаконие – рече Јакимовски.

Сања Лукаревска од СДСМ рече дека го потпишала Кодексот и дека се обврзуваат на фер, позитивна и коректна кампања. И Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ставил потпис на Кодексот и се обврзува во име на Коалицијата дека ќе водат позитивна кампања.
И Данела Арсовска од Нова Алтернатива го потпиша Кодексот и рече дека ќе се придржуваат до принципите за фер и демократски избори.

– Како носителка на листа, која доминантно е составена од жени, се надевам на фер и коректна кампања. Изразувам јасна поддршка за помалите партии кои не го потпишаа Кодексот поради начинот на распределба на средствата што ги доведува помалите во подредена состојба – рече Арсовска.

Џула Челику од Европско граѓанско движење посочи дека државата не е фер кон новите партии, зашто со 8.000 евра не може ни една изјава да се даде за медиум. Мирјана Најчевска од Твоја партија рече дека на изборната листе се под среќниот број 13 и дека го потпишала Кодексот, бидејќи одредбите во потполност соодветствуваат со принципите за кои се залага. Таа жестоко ги критикува медиумите и ги нарече послушници на големите партии, бидејќи молчеле додека тие се обраќале, а не биле заинтересирани за обраќањата на помалите партии. Таа им рече на медиумите да се засрамат.
Од партијата Десна на екслидерот Љупчо Палевски не го потпишаа Кодексот, бидејќи не го признаваат наметнатото име на државата.

– И покрај намерата на ексминистерот за внатрешни работи да ја дерегистрира партијата како гнездо на криминалци, ние учествуваме на изборите. Бараме итна екстрадиција на Палевски во Македонија – вели претставникот на Десна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот