Сцена од претставата „Малата Фрида“ / Фотографија: Драгољуб Николовски

„Малата Фрида“ е победник на четвртиот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ на Театарот за деца и младинци

Претставата „Малата Фрида“ во режија на Аница Томиќ, а во изведба на Градскиот театар „Жар птица“ од Загреб, Хрватска, ја освои Гран-при наградата на 4. издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, што се одржа од 15 до 18 октомври 2025 година во Скопје.

– Претставата е топла, духовита и со визуелно раскошна сценографија и костими, раскажува приказна за тешките денови на малата Фрида Кало, која им зборува на децата на јасен и ангажиран начин за различностите и прифаќањето – стои во одлуката на професионалното жири во состав: Игор Третињак, театролог од Хрватска, Изабела Новотни, актерка при Театарот за деца и младинци, и Јулијана Мирчевска, актерка и претседателка на националниот центар „АСИТЕЖ Македонија“.

„Малата Фрида“ беше прогласена за најдобра претстава и од страна на детско-младинското жири во состав: Бисера Мојаноска, Ведран Маричиќ, Уна Дона Силјановска, Теофрил Сачкарски, Саша Димитревска, Софија Петрушева и Јанис Далајоргос.

Врачување на наградите на 4. ИФДТ „Игор Маџиров“ / Фотографија: Драгољуб Николовски

Наградата за најдобра режија беше доделена на Давид Зуазола за претставата „Прозорецот“ во изведба на Театарот за деца и млади „Мерлин“ од Темишвар, Романија. Оваа претстава ги понесе и специјалните награди за музика за Лазар Новков, колективна актерска анимација за Роберт Копот и Лаурентиј Плеша и за визуелен идентитет за Давид Зуазола и Атила Бајко.

Наградите за актерски остварувања им беа доделени на: Аманда Пренкај, за улогата на Фрида Кало во претставата „Малата Фрида“, и на Таноси Сиорис, за извонредните актерски креации во претставата „Сино“ во изведба на театарот „Хоп Сињор“ од Атина, Грција. Наградата за најдобра костимографија беше доделена на Дорис Крстиќ, а за сценографија на Игор Васиљев за претставата „Малата Фрида“.

Сцена од претставата „Малата Фрида“ / Фотографија: Драгољуб Николовски

Четвртото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, што се одржа од 15 до 18 октомври во Скопје, ја обедини регионалната театарска сцена на детски театри под слоганот „Сцена за сечиј сон“.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, покровител е Претседателот на Република Северна Македонија, генерален спонзор е А1 Македонија, поддршка имаше и од Грчката амбасада, Стопанска банка, Општина Центар, Ладна, додека медиумски покровители беа Слободен печат, Вечер, Нова Македонија, Република, Независен, Умно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот